Демократизацијата на земјата и унапредувањето на човековите права се главните придобивки од граѓанскиот ангажман - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Демократизацијата на земјата и унапредувањето на човековите права се главните придобивки од граѓанскиот ангажман PDF Print E-mail
Thursday, 30 September 2021 20:30

„Клучните успеси на граѓанското општество се таму каде што тоа е вкоренето“ рече Сашо Клековски, аналитичар и поранешен граѓански активист, дефинирајќи го како катализатор на промените кои без него, сигурно би се случувале многу побавно. Оваа констатација беше дел од дебатата „30 години граѓанско општество”, која се одржа на 29 септември 2021г., во хотелот Александар Палас во Скопје и онлајн на платформата ЗООМ.

grc

Дебатата ја отвори Наташа Габер Дамјановска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители, поранешен уставен судија и дел од граѓанското општество, правејќи сублимат од случувањата во секторот преку анализата „Аналитички осврт на развојот на граѓанското општество од независноста на државата до сега“. Таа истакна дека според едно од истражувањата на јавното мислење за граѓанско учество во земјава, граѓанскиот активизам има мобилизаторски простор кај 1/3 од граѓаните во државата. Во раниот стадиум на подготовка и креација на политиките се вклучени 43% од организациите, додека 37% од ГО изјавиле дека се вклучени во тој процес, но и во подготовка на законите. Според Габер Дајмановска се очекува дека ова е критичната маса во општеството која ќе влече напред додавајќи дека граѓанското учество е непосредно врзано со чувството дека можат да се направат промени.

viber image 2021 09 30 13 02 27 955 945x630

Зборувајќи за промените и постигнувањата во граѓанскиот сектор низ годините, Катерина Хаџи-Мицева Еванс од Европски центар за непрофитно право, се осврна на дел од регулацијата каде македонското граѓанско општество било лидер во регионот, како што е носењето на Законот за волонтерство и првата Стратегија за волонтерство, регулативата за управување со ризик и сл. Таа ја потенцираше важноста од соработката со институциите и бизнис секторот додавајќи дека „без поддршката на општеството и граѓаните, секторот нема да може да го постигне она што го зацртал“. Одговарајќи на некои од стереотипите за граѓанското општество  таа истакна дека многу организации работата на некои од темите заради личната посветеност, а не заради стратегиите на донаторите. За Хаџи-Мицева Еванс, „наша задача за следните 30 години е секторот во сите земји да биде дел од општеството, препознаен и отпорен на лошите практики“.

fmh 2211 945x630

На дебатата се зборуваше и за сликата на граѓанските организации во јавноста и потребата таа да се промени. За Ибрахим Мехмети од Швајцарска агенција за развој и соработка (СДЦ) потребно е да се подобри комуникацијата помеѓу организациите и медиумите со што ќе се подобри  информираноста за постигнувањата и ќе се истакне влијанието и улогата на организациите во општеството.

ibrahim 980x542

Осврнувајќи се на областите на промена, Клековски потенцираше неколку: „Дали ќе ги имавме квотите за учество на жените во политиката ако не беше притисокот на граѓанските организации? Дали ќе имавме министерство за животна средина ако не беше влијанието на Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ)? Дали ќе имавме рампи и подобрување на физичкиот пристап за лицата со хендикеп, ако не беа организациите кои беа гласни на оваа тема? Ќе имавме ли Закон за недискриминација? Или, програми на политичари со велосипедски патеки, ако не беа „На Точак“?“ Според него, важно ќе биде како граѓанските организации ќе соработуваат со нивните „системски роднини“, оние кои се базирани исто така на здружување, како што се коморите, синдикатите, политичките партии, верските заедници и сл. Осврнувајќи се на иднината тој ја потенцираше важноста на дигиталниот активизам, комуникација преку онлајн алатки за одредени прашања и иницијативи. „На овој начин секторот ќе биде попривлечен за следните генерации, а ние подготвени за промените и предизвиците во годините кои доаѓаат“, рече тој.

viber image 2021 09 30 13 02 08 456 945x630

Присутните претставници зборуваа за граѓанскиот активизам во изминатите децении, изразувајќи задоволство од постигнатите промени во општеството, истакнувајќи дека има многу работи на кои можат да бидат горди, но исто така, следува уште поголема борба во годините кои доаѓаат.

Учесниците се согласија дека е потребно да го следат општеството како хибридно, да ја подобрат соработката со медиумите, да работат повеќе на надминување на недовербата со бизнис секторот преку соработка и меѓусебна комуникација која ќе ја направи очигледна нивната меѓузависност.

prisutni grc 980x396

„Сите сили во светот не се толку моќни како идејата чие време е дојдено!, со овој цитат на Виктор Иго сакам да завршам“, рече Наташа Габер Дамјановска која го дефинираше граѓанското општество како генератор на нови идеи.

На дебатата со физичко присуство, преку платформата ЗООМ и Фејсбук страната на ГРЦ учествуваа вкупно 310 учесници, а таа беше завршен настан на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи, Гостивар и Медиа плус, Штип.

Дебатата погледнете ја ТУКА.

viber image 2021 09 30 13 02 33 441 945x630

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Демократизацијата на земјата и унапредувањето на човековите права се главните придобивки од граѓанскиот ангажман