Расте бројот на заинтересираните за вакцинирање |
![]() |
![]() |
![]() |
Monday, 05 April 2021 13:24 | |||
Повеќе од половината од испитаниците (56,4%) одговориле дека е многу веројатно, односно веројатно дека ќе се вакцинираат. Ова е зголемување во однос на анкетата спроведена во декември 2020 година кога 38,7% од граѓаните рекле дека е многу веројатно или веројатно дека ќе се вакцинираат. Етничките Албанци (73,1%) изразиле поголема веројатност за вакцинирање од етнички Македонци (51,7%). Ова го покажа последното истражување на МЦСМ „Ковид-19 – една година стравови, очекувања и желби за враќање во ‘нормала’“ спроведено од агенцијата М-Проспект во периодот од 12 до 17 март 2021 година на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници. Половина од испитаниците целосно или донекаде имаат доверба во новите вакцини (50,4%), а 49,1% донекаде и целосно немаат доверба. Етничките Албанци имаат поголема доверба во вакцините (67,5%) во однос на етничките Македонци (44,5%). Големо мнозинство од испитаниците (73,5%) сметаат дека Владата не реагирала соодветно и навремено при набавката на вакцините. Споредено со земјите во регионот, мнозинство од испитаниците (65,0%) сметаат дека нивото за вакцинирање во Македонија е под стандардот. Етничките Македонци се понезадоволни со степенот на вакцинација во државата, па 73,4% одговориле дека нивото на вакцинација е под стандардот во регионот, што е за 30 пп повеќе од етничките Албанци (43,4%).
Работата на матичните доктори е оценета позитивно од 81,0% од граѓаните, работата на болниците и Ковид центрите од 68,5%. Иако мнозински, најнизок е процентот на оние кои позитивно ја оцениле работата на Комисијата за заразни болести (54,9%). Речиси поделена е оценката за работата на министерот Филипче односно 51,3% сметаат дека добро ја врши својата работа, 47,7% сметаат дека работи лошо. Кај премиерот Зоран Заев, побројни се оние кои рекле дека работи лошо (59,7%), а една третина сметаат дека работи добро (36,7%).
|