Избори во време на Ковид - 19 |
Wednesday, 24 June 2020 19:33 | |||
Дата: Јуни, 2020 година Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) редовно ги проверува ставовите на јавноста за изборните процеси. Овој пат, во очи на десеттите парламентарни избори, проверката на ставовите е уште позначајна, имајќи ја предвид пандемијата предизвикана од коронавирусот. Македонија за прв пат ќе организира избори под притисок на растечкиот број на заболени од Ковид-19 што не е предизвик само за организаторите на изборите, туку и за истражувачите. Ставовите на граѓаните за предвремените парламентари избори закажани на 15 јули 2020 година се добиени преку анкета на јавното мислење која е спроведена од 16 до 21 јуни 2020 година. За МЦМС и телевизија Телма, анкетата го спроведе агенцијата М-проспект. Резултатите покажуваат дека речиси половина од граѓаните (47%) сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека секој трети граѓанин (34%) смета дека насоката е исправна. Како и во многу претходни анкети, испитаниците во големо мнозинство (67%) изјавуваат дека ќе излезат на гласање. Зоран Заев е се уште во водство со речиси 19% поддршка, следен од Христијан Мицкоски со 15% и Али Ахмети на стабилните 7%. Кај партиите, разликата меѓу водечките коалиции е 1,6 пп, односно во рамките на статистичката грешка, што најавува неизвесен исход и не може да се прогнозира јасен победник на изборите. За коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ (заедно со БЕСА), би се определиле 23,5% од гласачите, додека за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ („Обнова“) 21,9% граѓани. Слично приближување има и кај партиите на етничките Албанци каде разликата меѓу ДУИ (6,4%) и коалицијата на Алијансата за Албанците со Алтернатива (5%) сега е само 1,4 пп. Анкетирањето на граѓаните е направено преку телефонска анкета, на повеќеслоен стратификуван примерок од 1003 испитаници постари од 18 години, национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност, регион и место на живеење. Анкетирањето е правено на македонски и на албански јазик. Сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1% со прифатливо ниво на доверба од 95%.
|