Топ тема на ваша страна пример за самоодржлива ТВ програма |
Wednesday, 19 December 2018 17:20 | |||
„Во САД ја цениме улогата на проверка и балансирање што ја имаат медиумите со истражувањата, известувањата и поставувањето прашања поврзани со управувањето на државата. Навистина, силните медиуми се наоѓаат во срцето на нашата демократија“, рече Микаела Швајцер- Блум, вршител на должност амбасадор на САД, за време на денешното одбележување на завршувањето на проектот на УСАИД „Топ тема на ваша страна“. Пред присутните се обрати и главниот уредник на Телма Телевизија, Атанас Кировски, кој говореше за стремежот програмата да понуди нов квалитет и друга димензија во медиумскиот простор. Како најпрепознатливи сегменти од програмата ги посочи истражувањата на јавното мнение со кои се демонстрираа трендовите кај електоратот, а потоа и двонасочната комуникација со публиката, таунхол дебатите и жешкото столче. Тој ја истакна синергијата со граѓанскиот сектор како важна предиспозиција за дебата базирана на факти. Покрај тоа, на настанот беа доделени и наградите од четвртиот, последен конкурс за граѓански новинари, кој се однесуваше на темите култура, туризам, спорт и инфраструктура. На последниот конкурс пристигнаа 57 пријави, а вкупно досега конкурирале 151 пријави. Во категоријата фотографија или видео, првата награда ја доби Влатко Делов за делото „Време во кое базените немаат иднина“, второто место припадна на групата граѓански новинари- Гоце Ангелески, Гоце Трајкоски и Јосиф Трајкоски за делото „Моменталните услови за младите да го искористат својот спортски потенцијал и изгубената спортска традиција“, а третата награда ја доби Љупчо Илиевски за делото „Алтернативен туризам“. Во оваа категорија пофалници добија Арбнора Мехмети за фотографија на тема туризам и Константин Карев за репортажа на тема инфраструктура. Во категоријата за истражувачки стории првата награда и припадна на Јелена Панчевска за сторијата „Што знае женско за спорт?“, втората награда ја доби Весна Кираџиева за „Атлетска Федерација на Македонија со диктаторско раководство“ и третата награда ја доби Симона Џуковска за делото „(Не)организација на тетовските гробишта“. Пофалници добија Елена Ѓорѓиевска за „Новите спортски трендови – опасни за спортистите“ и Јасмина Осифесо за „Туристички водичи – да се преброиме!“. Јелена Панчевска, во име на добитниците, го изрази задоволството од тоа што конечно се третираат теми кои што се од суштинско значење, а кои често медиумите ги запоставуваат. Како што вели и почетокот на нејзината сторија: „Каков е спортот во една држава, таква е и државата“, па драго и е што голем дел од наградените ја обработуваат темата спорт и се надева дека тоа ќе ги поттикне медиумите да посветат поголемо внимание на ова прашање.
УСАИД преку две-годишна соработка ја поддржа Телма ТВ и МЦМС при што се воведоа нови форми на известување и дебатирање кои вклучија прашања на граѓаните пратени преку социјалните медиуми, дебати од градовите низ целата земја и употребата на истражувања за важни општествени теми итн. Топ тема на ваша страна ќе продолжи со емитувањето на Телма ТВ и по завршувањето на поддршката од УСАИД.
|