Регрантирањето како финансиска инфузија за организациите |
Tuesday, 30 October 2018 21:23 | |||
„Ние како ЕУ сакаме да ја развиеме демократијата во целата земја. Регрантирањето е флексибилен инструмент кој го користиме за да допреме до малите организации кои немаат капацитет да спроведуваат поголеми проекти“, изјави Никола Бертолини од Делегација на ЕУ на отворањето на дебатата за регрантирање организирана од Граѓанскиот ресурсен центар што се одржа денес (30 октомври) во Скопје. Првата сесија од дебатата се однесуваше на регионалните искуства во регрантирањето. Дарио ди Бенедето од Делегација на ЕУ во Косово, зборуваше за тамошното искуство каде се доделени 317 под-грантови во рок од две години и каде се соочуваат со преклопување на активностите, како и со недоволно ниво на менторирање на под-грантистите. Тина Дивјак од Словенија укажа на бирократските процеси кои донаторот треба да ги прилагоди според големината на проектот. „Ако не се занимаваш со брикратија, ќе посветиш повеќе време на активностите од проектот. Донаторот посветува 20-30% од фондовите на проектите за мониторинг за да превенира 2% загуба“, додаде таа. Ирена Иванова од Делегација на ЕУ во Скопје, говореше за ситуацијата во Македонија каде досега се регрантирани 350 проекти со суми кои варираат од 5.000 до 25.000 евра. Таа се согласи дека процедурите треба да се поедностават, но само во случај на подобра пракса и поголема транспарентност. Во втората сесија претставниците на Конект, Центарот за граѓански комуникации, Преда плус и АЛДА ги споделија нивните искуства како организации кои имаат проекти со регрантирање. Сите имаат пракса да ги менторираат нивните под-грантистите во активностите што ги спроведуваат, но и во раководењето со грантовите. Сите водат сметка добитниците на грантови да бидат млади организации со мали буџети и рамномерно распределени низ планските региони на земјата. Претставниците на Ганимед, Центарот за одржлив развој од Дебар и Иницијативата на невработени интелектуалци од Виница ја презентираа страната на организациите кои се регрантирани. Тие се задоволни од соработката и беа согласни дека ваквиот начин на финансиска поддршка е инфузија за организациите. Забелешките се однесуваа на сложените административни процедури кои не соодветствуваат ниту со големината ниту со времетраењето на нивниот проект, особено регистрацијата на проектите во Секретаријатот за европски прашања и Управата за јавни приходи.
|