Пет години СОС линија за тутунарите од Кривогаштани |
Tuesday, 09 October 2018 15:30 | |||
На денешен ден пред пет години МЦМС го означи почетокот на работата на Линијата за поддршка на тутунопроизводителите и работниците (0800-24680) во Кривогаштани. Денес проектот опфаќа 23 села, односно цела општина Кривогаштани, дел од општина Прилеп и дел од општина Крушево. Тутунопроизводителите и работниците досега покренаа 2.976 прашања преку СОС линијата, директно во канцеларијата за поддршка или при теренските посети на тимот на оператори составен од правен експерт и социјален работник. „Чудесно е како ја променивме сомничавоста на првите групи фармери со кои соработувавме, за пет години подоцна тие со нас да се однесуваат како кон пријатели“, рече Наташа Димеска, една од операторките. „За пет години ја стекнавме нивната доверба до тој степен што нѐ контактираат и за прашања кои не се во наш примарен домен. Драго ми е што фармерите нѐ препознаваат пред сѐ како луѓе и свесни сме дека ова е мост кој не смееме да го срушиме“, додаде таа. Најчесто поставувани прашања во зимскиот период се однесуваат на субвенциите и откупот, додека во летниот период прашуваат за тоа дали и што можат да работат децата на фармите. Значајно да се забележи е дека годинава 80% од прашањата ги поставиле жени. Досега посетени се 1.172 ангажирани работници (аргати), со кои од годинава се вршат и групни презентации за нивно информирање. Уште еден важен аспект од работењето на канцеларијата е напорот за елиминирање на искористувањето детски труд. Операторките досега имаат посетено 3.366 тутунопроизводители чии фамилии имаат деца со цел да ги информираат за правата и обврските поврзани со користење на детска работа. Досега забележано и елиминирано е искористување на детски труд во 51 случај. Долгорочните позитивни ефекти од работата на канцеларијата се уште повидливи кога се знае дека новите случаите на искористување детски труд се регистрираат во села каде претходно канцеларијата не функционирала. МЦМС на овој проект соработува со Сокотаб и Филип Морис интернационал менаџмент С.А.
|