Реформите во децентрализацијата се нужни и задолжителни - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Реформите во децентрализацијата се нужни и задолжителни PDF Print E-mail
Friday, 20 July 2018 14:42

Регионалниот форум на Цивика мобилитас, на тема: „Процесот на децентрализацијата во Македонија“ што се одржа на вчера (19 јули 2018 година) уште еднаш ја потенцираше потребата од дебата и реформи кои ќе ја направат децентрализацијата функционална.

DSC 0293

„Форумот е уште еден пример за соработката што постојано ја иницира Цивика мобилитас, овде, покрај претставниците на граѓанските организации се и претставници на локалните и националните институции“, рече на отворањето Питер Тоинес, меѓународниот лидер на тимот на Цивика мобилитас. Присутните ги поздрави и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, нејзината екселенција Сибил Сутер Техада. „За нас, децентрализацијата е двостран пристап, прво, децентрализација на власта, односно споделување на одговорностите меѓу централната и локалната власт и, второ, децентрализација на граѓанскиот сектор. Ако сакаме да имаме силно граѓанско општество, придобивките од него треба да ги донесеме во секој дел од земјата. Овој форум е доказ за тој пристап“, рече таа. Амбасадорката Техада додаде и дека децентрализацијата ќе стане уште поважно прашање во светлото на пристапувањето на Македонија во ЕУ и дека се надева дека швајцарската поддршка ќе претставува дополнителна вредност во тој процес.

DSC 0319

Говорниците во првиот панел се осврнаа на прашањата до каде е процесот на децентрализација и како да се обезбеди порамномерен развој на регионите и поефикасна, поинклузивна и потранспарентна локална самоуправа. Дејан Павлески, заменик министерот за локална самоуправа им се заблагодари на организаторите за тоа што ја држат актуелна дебатата за децентрализацијата во Македонија. Тој истакна дека процесот на префрлање на надлежности до централната на локалната власт треба да биде следен со финансиска поддршка за тие надлежности. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски истакна дека Македонија се уште нема вистински однос кон локалната самоуправа, тоа го покажува и изборот на министри за локална самоуправа. „Би сакал новата Влада на чие чело е поранешниот градоначалник на Струмица да почне да работи на новите решенија за локалната самоуправа, тие што им ги ветивме на граѓаните и за што ја добивме нивната доверба“, рече Коцевски. Според него, реформите треба да продолжат во три правци: 1) нов пакет на децентрализирани надлежности; 2) финансиски реформи и 3) прилагодување на организациската поставеност.

DSC 0333

За регионалниот рамномерен развој зборуваа Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален рамномерен развој и Драгица Здравева, раководител на Центарот за развој на источниот плански регион. Според Реџепи, сегашното распределување на 4,5 % од ДДВ на сметките на општините, би требало да порасне и да биде барем 10%. Во врска со персоналниот данок, од кој општинските буџети добиваа 3%, директорот Реџепи смета дека тој 100% треба да оди кај општините. „Не можеме да зборуваме за политика на рамномерен регионален развој туку само за регионален развој“, рече Здравева. Според неа, на новата владата треба да и биде приоритет децентрализацијата и реформите во локалната самоуправа. Вториот панел беше посветен на (де)централизираниот развој и влијание на граѓанското општество во Македонија. Претставниците на општините Долнени и Кавадарци зборуваа за нивните искуства. „Нашиот проблем е малиот број на граѓански организации на територијата на општината“, рече Ајша Муаремоска Топалоска од општина Долнени. 

DSC 0272

Според Тодор Ефремов, од општина Кавадарци, нивната соработка со граѓанските организации е многу добра. Од пред некое време, општината почесто ги консултира ГО и во согласност со можностите се прилагодува на нивните барања. Едно од нив е зголемувањето на висината на грантовите за ГО. Според Астрид Реџепи од Центарот за едукација и развој, децентрализацијата треба да се спушти едно ниво подолу – на месната самоуправа. „Скинавме патики“ рече Реџепи алудирајќи на бројните посети на терен, „ама одблиску ги видовме проблемите на населението. Од нив, најголем е проблемот со партизираноста на месните и урбаните заедници. Видовме ниски капацитети но, голема воља за работа која треба да ја искористат не само граѓанските организации туку и општините“, додаде тој. Според Лилјана Јоноски од Рурална коалиција од Куманово, на граѓаните им треба едукација за тоа што претставува процесот на покренување граѓанска иницијатива. Последниот панел беше посветен на децентрализацијата и унапредувањето на правата на заедниците на локално ниво преку Комисиите за односи меѓу заедниците за која зборуваа Рубин Земон, посебниот советник за развој на мултикултурно општество, интеркултурализам и интеркултурни комуникации во кабинетот на Премиерот и Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар. 

DSC 0326

Основата на мултикултурализмот е дијалогот“, рече Земон, и истакна дека во Законот за локална самоуправа од 2004 година, во оваа област се поставени високи бариери кои го оневозможуваат дијалогот. „За жал Комисиите ги има повеќе во помалите општини, а не во поголемите каде што всушност се и проблемите. Ова значи дека комисиите се дисфункционални, без јасен мандат и улога“, рече тој и додаде дека се започнати подготовките за Стратегија за толеранција. Градоначалникот Таравари се осврна на случајот на Гостивар. „Кај нас, неколку училишта се мешани, а учениците не ја следат наставата во различни смени, дури и градинките функционираат заедно“, додаде тој. Според него, на општината и требаат способни луѓе, без оглед на нивната партиска припадност и затоа својот кабинет го базирал на такви критериуми. Таравари рече дека е тешко е да се следи законот кој заедниците ги мери со проценти, затоа што процентите не ги носат правата за нив, туку нивните меѓусебни релации, почитта и толеранцијата.

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Реформите во децентрализацијата се нужни и задолжителни