Медиа плус ги отвори вратите на Граѓанскиот ресурсен центар во Штип |
Thursday, 31 May 2018 13:24 | |||
„Очекувам овој центар да обезбеди позитивна клима за развивање граѓански активизам. Имено, очекувам овој центар да обезбеди услови за да се зајакнат капацитетите и информирањето на граѓанските активисти и нивните организации, а заедно да понудиме платформа за соработка на граѓанскиот сектор со институциите“, рече Благој Бочварски, градоначалникот на Штип, на отворањето на Граѓанскиот ресурсен центар во Штип. Тој додаде дека очекува овој центар да обезбеди позитивна клима за развивање граѓански активизам, што според него е важен фактор во градењето и одржувањето на демократијата. Центарот ќе нуди помош, логистика и поддршка за граѓанските организации во Југоисточна Македонија, а со него ќе раководи Медиа плус. Слободанка Блажевска, проектната координаторка, рече дека очекува граѓанскиот активизам да заживее во овој регион, бидејќи истиот речиси целосно замре во изминатите години. „Граѓанските организации ќе може во овој центар да се среќаваат, да организираат настани, да добиваат основни информации, совети во нивното секојдневно работење. Ќе можат да добијат информации за користење на фондовите, постојано ќе бидат информирани за повиците, како и останата логистичка поддршка“, додаде таа. Како што рече координаторката на Ресурсните центри на Македонија, Валентина Атанасовска, целта е да се помогне во зајакнувањето на граѓанскиот сектор, како независен фактор во обликувањето на општествениот живот и демократијата во земјата. „Во фокусот на Центарот се граѓанските организации и во него ќе бидат спроведени активности за информирање, градење на капацитети на граѓанските организации, меѓутоа и соработка со владините институции, за да се создаде овозможувачка средина за работа на граѓанските организации“, изјави Атанасовска. Со програмата ќе функционираат три ресурсни центри – во Скопје, Гостивар и Штип, како и дополнителни мобилни ресурсни центри за целосна географска покриеност на државата. Граѓанскиот ресурсен центар е дел од програмата Национален ресурсен центар за граѓанските организации, спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка во партнерство со Медиа Плус од Штип и Асоцијација за демократски иницијативи од Гостивар, а е поддржан од Европската Унија.
|