Какви се изгледите на кандидатите за градоначалници на Скопје? |
![]() |
![]() |
![]() |
Monday, 09 October 2017 21:08 | |||
Кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ (37,1%) и советничката листа на истата коалиција (33,8%) имаат блага предност пред кандидатот (34,6%) и советничката листа (31,7%) на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, покажа последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма посветена на рејтинзите на кандидатите за градоначалници и листите за советници за град Скопје. Според резултатите, повеќе параметри влијаат на изборот на граѓаните. Гледано од аспект на етничката припадност – кандидатот Петре Шилегов и советничката листа на коалицијата предводена од СДСМ имаат поголема поддршка кај етничките Албанци од противкандидатот Коце Трајановски и советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатот Шилегов, на пример, има поддршка кај 58,6% од етничките Албанци за разлика од неговиот конкурент Трајановски за кого оваа поддршка изнесува 4,8%. Што се однесува до поддршката кај етничките Македонци, во предност е Трајановски (42,3%) за 11,4 процентни поени пред Шилегов (30,9%). И местото на живеење влијае на одговорите. Испитаниците кои живеат во село во поголем број го поддржуваат кандидатот Коце Трајановски (45,6%), додека кандидатот Петре Шилегов има поголема поддршка кај оние кои живеат во град (40,1%). Што се однесува до возраста, со зголемувањето на возраста расте поддршката на кандидатот Коце Трајановски, додека кандидатот Петре Шилегов има поголема поддршка кај помладите. Покрај ова, на одговорите влијае и работниот статус и образовната структура.
Повеќе информации за анкетата можете да најдете во истражувачкиот извештај „Локални избори 2017 – Рејтинзи на кандидатите за градоначалник на Скопје и на листите за советници“. За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците за оваа анкета беа прибирани со телефонска анкета во периодот помеѓу 23 септември и 2 октомври 2017 година, на репрезентативен примерок за град Скопје од 1513 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД.
|