Oбука за обучувачи |
Friday, 07 April 2017 12:39 | |||
Ресурсниот центар на ТАКСО воден од Македонски центар за меѓународна соработка и Македонската канцеларија на проектот ТАКСО во периодот од 4 до 6 април 2017 организираa обука на тема „Обука за обучувачи“ во хотелот Континентал во Скопје. На обуката учествуваа 18 претставници на граѓански организации кои организираат и спроведуваат различни едукативни програми и програми за обука. Тие стекнуваа вештини и ја усовршуваа примената на алатките за подготовка и спроведување на обука. „Ваквите обуки се навистина корисни. Ние како припадници на невладиниот сектор имаме одредено искуство, меѓутоа презентирањето пред другите и примањето на критики ни даваат понатамошна насока. На тој начин полесно ги воочуваме мааните и негативностите и можеме да ги претвориме во нешто позитивно, “- изјави Сашко Јованов од Асоцијацијата „Хуманост“. За позитивното искуство од соработката за време на обуката зборуваше Андреј Габроски од Младински совет Прилеп кој рече дека големата возрасна граница помеѓу учесниците, различното искуство и различниот пристап кон работите воопшто не им претставувале пречка туку предност за нивното заедничко функционирање и за остварување на можна понатамошна соработка. Во текот на трите дена учесниците имаа можност да ги подобрат своите комуникациски, презентациски и фацилитаторски вештини, како и да се здобијат со знаење за техниките и методите за обука. На самиот крај, наученото успеаја практично да го преточат во дизајнирање на една сесија од обука која ја спроведоа пред останатите учесници и предавачите. Обуката ја спроведоа Гонце Јаковлеска и Валентина Чичева од МЦМС.
|