Девет мрежи на ГО подготвуваат акциски планови |
Tuesday, 07 February 2017 08:17 | |||
Во периодот од 10 јануари до 6 февруари 2017 година околу 95 претставници на девет мрежи на граѓански организации поминаа низ работилници за подготовка на акциски планови за нивен развој. Работилниците ги организираа проектната канцеларија на ТАКСО и Ресурниот центар на ТАКСО воден од МЦМС чии експерти беа вклучени во директната менторска поддршка. Членките на мрежите, со поддршка на менторите, ја утврдија состојбата и приоритетите за мрежата, направија дијагностицирање и проценка и ги дискутираа приоритетните прашања што произлегоа од прашалникот за самооценка. Покрај тоа, тие почнаа со подготовките на акциските планови, ги утврдија препораките за кои утврдија препораки и ги дефинираа одговорностите и роковите за секоја од мерките. Овие работилници се последователна активност на работилницата што беше организирана во ноември 2016 година, а на која учествуваа 33 претставници на 10 мрежи. Работилницата ја водеше надворешен експерт – Младен Мајетич од Хрватска. Користејќи низа прашалници и други алатки, мрежите започнаа со внатрешна самооценка и дискутираа за клучните области во кои би требало да направат промени. Тие имаа можност да ги проследат презентациите на студии на случај за 4 различни мрежи од Македонија, од Словенија и од Косово. Со студиите на случај беа опфатени клучните фактори за успехот на овие мрежи, механизмите кои ги користат, како и предизвиците и начинот со кои се справувале со истите, па истите послужија како инспирација во дискусиите на учесниците за тоа како тие би можеле да се справат со сличните прашања. Последователна активност на овие работилници ќе биде заедничката работилница за рефлексија на спроведениот процес и планирање на следните чекори во кои треба да следува работа на конкретни приоритетни теми.
|