Политички предизборни теми |
Tuesday, 29 November 2016 15:38 | |||
Повеќето граѓани не веруваат (48,2%) одошто веруваат (41,5%) дека изборите ќе донесат разрешување на политичката криза. Ова го покажаа резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Телевизија Телма. Најголеми оптимисти се граѓаните од Југоисточниот регион (57,2%) и оние над 65 годишна возраст (56,8%), а најголеми песимист, студентите (57,8%). Најголема верба во решавањето на политичката криза по изборите имаат симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (71,7%). Симпатизерите на другите политички партии повеќе не веруваат одошто веруваат во надминување на политичката криза со изборите. Најголем број од испитаниците (30,2%) не се сигурни што да очекуваат од изборите, додека од оние кои имаат изградено став, испитаниците што сметаат дека изборите ќе бидат фер и демократски се во поголем број (20,9%). Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во најголем број веруваат дека изборите ќе бидат целосно фер и демократски (50,8%). Испитаниците кои ќе гласаат за ДПА се најбројни на другиот крај на скалата – воопшто нема да бидат фер и демократски (22,2%), а најмалубројни кај позитивниот став, само 3,3%. Поддржувачите на СДСМ се поделени во очекувањата. Големо мнозинство од испитаниците (79,7%) сметаат дека политичарите за кои има сомнеж дека биле дел од корупција или ја злоупотребиле службената должност не треба да бидат на пратеничките листи. Слични се резултатите и кај следното прашање, односно, речиси 83% од испитаниците сметаат дека политичарите за кои е поднесено обвинение не треба да бидат на пратеничките листи. Најкатегорични во овој став се оние што се изјасниле дека ќе гласаат за СДСМ (90%), потоа се симпатизерите на ДУИ (85%), на ДПА (76,6%) и на ВМРО-ДПМНЕ (67,8%). Прашани за тоа дали се согласуваат дека предметите произлезени од прислушуваните материјали ќе добијат правна разрешница, испитаниците речиси рамномерно се распределиле на скалата со пет нивоа. Најмал е процентот на оние кои целосно се согласуваат дека таква разрешница ќе има (11,4%). За позитивниот став, „донекаде се согласувам“ се изјасниле 22,9% од испитаниците, а неутрални се 22,3%. На страната на негативните ставови состојбата е изедначена, односно, 15,9% донекаде не се согласуваат, а 15,8% воопшто не се согласуваат со изнесениот став. Вкупно 11,6 рекле дека не знаат или одбиле да одговорат. Само 2,7 процентни поени е разликата меѓу позитивните (34,4%) и негативните (31,7%) ставови, ако се гледаат заедно „целосно и донекаде се согласувам“ и донекаде и воопшто не се согласувам. Според работниот статус, најголеми очекувања за правна разрешница имаат невработените (42,1%), а најмала студентите (26,2%). Оние што „целосно или донекаде се согласуваат“ се најбројни меѓу симпатизерите на ДУИ (55,9%) и на СДСМ (52,9), а најмалубројни кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (25,4%). За МЦМС, ИДСЦС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани со теренска анкета во периодот од 6 до 20 ноември 2016 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.
|