Потребен е стратешки наместо ад хох пристап |
Monday, 29 June 2015 09:46 | |||
„Во Македонија, како и во другите земји, просторот за граѓанското општество се стеснува, затоа, во Цивика мобилитас, освен финансиска поддршка, сакаме да обезбедиме и простор за дискусии“, рече Сајмон Форестер, меѓународен експерт на програмата во своето обраќање до присутните на форумот за скопскиот регион што се одржа на 23 јуни 2015 година во просториите на основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари. Општествените промени и соработката беа двете прашања на кои се фокусираше форумот. Форестер зборуваше и за најчестите грешки што ги прават граѓанските организации во својата работа. „Ги започнуваат активностите без претходно да размислат. Веднаш нудат решение, без да го елаборираат проблемот или пак го третираат проблемот, а не причините за него“, рече тој. Една од темите за кои зборуваа учесниците беше потребата од деполитизација на општеството. „Слабиот граѓански сектор во Македонија и дозволи на политиката да влезе во сите пори на општеството. Работата на граѓанскиот сектор не стигнува до целната група. Потребна е соработка, здружување, координација меѓу организациите“, рече Ване Цветанов од „Зелена лупа“. За рече Ѓоко Хаџивасков, од „Опстанок“, идејата граѓаните да ги вршат промените е идеална, „но“, рече тој, „се сомневам дека таков идеал некаде постои. Уставот има техничка грешка, не зборува за граѓани туку за политички партии, кога ќе се исправи таа грешка ќе можеме да зборуваме за граѓанско општество“, додаде тој. За Ѓунер Небиу од Женската граѓанска иницијатива Антико, здружувањето е многу важно. „Треба да се здружиме во однос на темите што ги работиме, таму имаме експертиза, и, да делуваме на локално ниво, така ќе бидеме помоќни“, рече таа. Присутните зборуваа за нивните искуства од соработката со другите организации или институции. „Како граѓански организации, потребно е да ја гледаме целата слика и да ги прилагодиме нашите чекори кон остварување на таа слика“, рече Форестер. Тој смета дека луѓето од граѓанскиот сектор сакаат промените да се случат наеднаш па тешко им е да размисуваат стратешки. Тој сподели неколку добри пракси на соработка и ефектите од неа. Присутните потоа работеа во две работни групи и развиваа некои од нивните идеи за идна соработка и активности. Цивика Мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрациј (SIPU). Цивика мобилитас обезбедува поддршка за граѓанските организации и другите актери на граѓанското општество. Спроведувањето започна во октомври минатата година и ќе трае четири години.
|