Фокус на размена на искуства и нова соработка на првиот ден на Форумот |
Friday, 23 March 2012 17:56 | |||
Првиот ден на Прекуграничниот форум на граѓанските организации донесе три форумски расправи и еден социокултурен настан. Форумот го отвори Невзат Бејта, министер за локална самоуправа, а на присутните им се обратија и градоначалниците на општините Дебар и Пешкопеја, Аргетим Фида и Илир Кроси и извршните директори на МЦМС, Алксандар Кржаловски и на ИДМ, Сотираќ Хрони. Заинтересираните имаа можност да слушнат и разговараат за Предизвиците на прекуграничната соработка. Даниела Стојанова ги презентираше идентификуваните проблеми и предлозите за нивно надминување во рамките на проектот Прекуграничен форум на граѓански организации, како што се ко-финансирањет на проектите, недоволниот капацитет на локалните организации и институции, недостатокот од комуникација меѓу актерите од пограничниот регион. Фатмир Битиќи ја презентираше оценката на процесот на аплицирање во првиот повик за прекугранична соработка во сите земји на Западен Балкан, а Сања Марковска, искуството на Локалната агенција за развој од Струга во спроведувањето на проектот за прекугранична соработка. Мирјана Пехчевска Поп-Илиева и Валентина Атанасовска од канцеларијата на ТАКСО во Македонија ја презентираа регионалната база на граѓански организации, а за проблемите, предизвиците и перспективите на младите во Македонија и Албанија зборуваа Меритон Доволани, Фадрија Мустафоска и Милка Јосифоска. Организацијата на жени Радика приреди ревија на народни носии. Најголем дел од учесниците рекоа дека се на Форумот заради размена на искуства и идеи, воспоставување соработка со нови организации и поинтензивна комуникација внатре во граѓанскиот сектор. Форумот продолжува утре во 10 часот. Ќе бидат организирани четири форумски сесии и три социокултурни настани.
|