2001 – Соочување со вооружениот судир |
Sunday, 04 December 2011 13:54 | |||
МЦМС одговори на кризата и вложи многу напори за одржување на отворениот дијалог. Прв организира хуманитарна помош и прв ги започна активностите за реконструкција на живеалиштата. И покрај кризата, МЦМС ги промовираше списанието за граѓанско општество „Граѓански свет“, првиот „НВО Саем“ и наградите за граѓанско општество и одржлив развој. За прв пат од постоењето Македонија се соочи со криза со вооружени судири на сопствена територија. Тоа доведе до влошување на севкупната состојба. МЦМС оперираше во сосема изменет амбиент на зголемена етничка недоверба, воени судири и ограничена безбедност, како и изострени социо-економски односи. Во втората половина на годината започна мировниот процес во земјата. Ова овозможи и започнување на процесот на враќање на раселените лица. Во 2001 година МЦМС започна три големи активности кои во следните години станаа своевиден бренд на организацијата. За прв пат го издаде Граѓански свет –списанието за граѓанското општество во Македонија. Првиот НВО саем се одржа од 23 до 25 октомври 2001 година, во хотелот Александар палас, во Скопје. На простор од околу 1500 м2, 144 организации ги презентираа своите активности и дискутираа за идниот развој на секторот. Во јуни 2001 година за прв пат се додели Награда за граѓанско општество и демократија (ГОД). ПДАС „Меѓаши“ ја доби наградата за долгогодишни постигнувања во граѓанското општество. За прв пат се додели и Награда за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн“ (ГЈА). Првите добитници беа Јосиф Таневски, за долгогодишни постигнувања и Кристина Дикинсон за постигнувања во претходната година. Заедничка изјава. МЦМС иницираше активности за заедничка изјава за ненасилно решавање на конфликтите, заедно со пет други НВО со различна етничка позадина. „Деновиве се одвиваат настани за кои не можеме да немаме сопствено мислење и став, затоа што се работи за прашања кои продираат во суштината на демократијата и на нашето делување како граѓански организации... ...Таква Македонија не се гради ниту со социјална неправедност, ниту со насилно решавање на разликите ... Таква Македонија не се гради ни со избегнувањето или премолчувањето на вистинските проблеми. Затоа ние лично се оградуваме и го осудуваме насилното решавање на конфликтите...” Патување во Вратница. Колоната до Вратница беше предводена од тимот на ЕУММ. Со нас беа и шест новинари. Автобусите влегоа во Лешок за да се симнат лешочани. По кратко задржување во Теарце се упативме кон Вратница.„Убаво што го донесовте ова и многу ви благодариме“, ни вели една жена од селото, „но ние не сакаме да живееме од помош. Не ни треба помош, само нека биде слободно движењето до Тетово, да одиме на работа и од платите да живееме“. „Да има помош за сите“, слушам една од жените како зборува. „Па и Албанците во Јажинце се во иста ситуација како и ние. И нив треба да им се помогне“. Пристигнавме со помошта во Јажинце. За разлика од првиот пат кога бев дочекан со недоверба сега ме пречекаа со насмевка и широка прегратка. Луѓето беа задоволни. Четирите домашни НВО обезбедија значителна помош за жителите во тетовското кризно подрачје, без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Годишен извештај на МЦМС за 2001 година.
|