Биди волонтер, направи разлика! |
Monday, 26 September 2011 15:20 | |||
Биди волонтер, направи разлика е слоганот на Европската година на волонтерството, 2011. Во нејзиното одбележување придонесе и студиската посета за политиките за волонтерство во Европската Унија (ЕУ) за над 50 учесници од граѓанските организации од девет земји. Од Македонија учествуваа пет претставника, на Конект, Волонтерски центар Скопје, Младински културен центар – Битола, Хабитат и на МЦМС. Од МЦМС учествуваше, Даниела Стојанова. Целта на посетата беше промоција на европските стандарди за квалитет на волонтерските акции во земјите кои целат кон членство во ЕУ, имајќи ги предвид различните пристапи, традиции и состојби. Учесниците имаа можност да слушнат за традициите и политиките за волонтерство во земјите од ЕУ, за алијансата за Европската година на волонтерството, потоа да разменат искуства за волонтерството во регионот и Исланд и да воспостават контакти за понатамошно заедничко дејствување. Беше презентиран и проектот за мерење на волонтерскиот ангажман. Покрај ова, учесниците посетија и неколку институции на ЕУ. Во Директоратот за проширување, учесниците се сретнаа со претставниците на одделите задолжени за нивните земји. Во Комитетот на регионите каде се запознаа со студијата за Мобилност на волонтерите низ Европа (Mobility of Young Volunteers Across Europe). Претседавачот на работната група за волонтерство во Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) ги запозна учесниците со сите активности на ЕЕСК за развој на волонтерството. Во Европскиот парламент, учесниците за запознаа со структурата на ЕУ и процесот на донесување закони. Исто така, пратеничката Мериен Харкин, инаку долгогодишен активист од Ирска, со ентузијазам ги презентираше активностите за развој на волонтерството и одговараше на прашањата од учесниците. Од размената на искуства може да се заклучи дека нивото на волонтирање во членките на ЕУ е на слично ниво, но се разликуваат пристапот и политиките. На пример, во скандинавските земји, волонтирањето е традиција и нема потреба да се уредува со закони, но во новите членки е обратно. Слично е и во балканските земји, скоро исто ниво на ангажман, во Македонија има донесен закон и стратегија, во Хрватска пак има развиена мрежа на волонтерски центри и Национален совет за развој на волонтерството. МЦМС го истражува и промовира волонтерството, а и редовно вклучува волонтери во својата работа. За време на студиската посета, Европската комисија (ЕК) го донесе и документот Комуникација за политиките на ЕУ и волонтирањето: Признавање и промовирање на прекугранични волонтерски активности во ЕУ. Студиската посета се одржа во Брисел, Белгија од 19 до 22 септември 2011 г. во рамките на програмата Луѓе за луѓето (People to People-P2P).
|