Време: На тапет резултатите од децентрализацијата |
Saturday, 10 December 2005 01:00 | |||
Кавадаречко вино, гостиварска баклава, валандовска алва, јаболка, сирење и пиперки се служеа вчера на штандовите на општините, на првиот ден од саемот „ЗЕЛС Експо 2005“, посветен на резултатите и предизвиците од децентрализацијата на власта. - Централната власт и локалната самоуправа го положија испитот. Наша заложба и крајна цел е потврдата да ја добиеме од граѓаните, а нашите залагања ги потврди и Европа - рече Ризван Сулејмани, министер за локална самоуправа, на отворањето на саемот. Свои штандови имаат 48 од вкупно 84 општини, кои пред посетителите покажуваа што постигнале, какви им се можностите за развој и се надеваа да привлечат инвеститори. Градоначалниците се задоволни од интересот на бизнисмените и на граѓаните. - Да знаевме дека ќе има толку многу заинтересирани, ќе закупевме поголем простор. Добро е што и претставници од амбасадите се воодушевени од тоа што им го нудиме - вели Невзат Бејта, градоначалник на Гостивар. Истовремено со саемот на општините беше отворен и петтиот саем на невладини организации, на истата тема - децентрализација на власта, на кој учествуваат 228 граѓански здруженија на 118 штанда. - Ова е голем предизвик не само за државата туку и за граѓаните, бидејќи тие одлучуваат. Не можеме да се жалиме што државата направи за нас, туку што ќе направиме сите ние заедно - рече Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Покрај изложбениот дел, предвидени се и дискусии, презентации на проекти и настапи на културно-уметнички друштва. Гости се неколку општини и 15 невладини организации од Албанија. На отворањето на „ЗЕЛС Експо 2005“ присуствуваше и претседателот Бранко Црвенковски, кому министерот Сулејмани му го врачи првиот примерок од новата административна карта на Македонија. Присутните ги поздрави и Ерван Фуере, шеф на канцеларијата на Европската комисија. С. С.
Градоначалникот во странство, службениците по семинари Штандот на кој требаше да се претстави општината Арачиново остана празен, и покрај тоа што локалната самоуправа платила за закуп на изложбен простор. Ниту градоначалникот, ниту некој од вработените не се појави на саемот со понуди од оваа општина. - Градоначалникот е службено во Албанија. Правникот што го заменува и другите од службите се на семинари. Не ни знаевме дека има саем - рекоа вработени во општината. Извор: Време (10.декември.2005)
|