Рехабилитација за отпорност: патот напред (РРП) - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Рехабилитација за отпорност: патот напред (РРП) PDF Print E-mail

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на новата програма „Рехабилитација за отпорност: патот напред“, чија временска рамка е од 1 октомври 2025 до 30 септември 2027 година.

Општа цел на програмата е да се унапреди отпорноста на заедниците изложени на ризик, да се поттикне конструктивна соработка помеѓу јавните институции и граѓанското општество, како и да се обезбеди приспособена поддршка за семејствата засегнати од процесите на радикализација.  

Целта на овој проект е зајакнување на националните и локалните капацитети во Северна Македонија за одржливо спречување на насилниот екстремизам (СНЕ) и ефикасна рехабилитација и реинтеграција (РР) на повратниците и нивните семејства.

Целна група на проектот се институции (национално и локално ниво), општини, локални превентивни механизми, членови на заедници, локални граѓански организации, работници од првата линија, повратници, ранливи категории на граѓани       

Целно подрачје е Северна Македонија, а активностите се спроведуваат во Скопскиот регион (Чаир, Бутел, Сарај, Гази Баба и Арачиново) и во Југозападниот регион (Дебар, Кичево и Струга).  

Оваа програма вклучува 3 исходи, 8 резултати и 39 активности.

Во првиот исход, програмата опфаќа три комплементарни сета на интервенции.

Првиот сет е насочен кон Локалните совети за превенција (ЛСП) и се однесува на јакнење на нивните капацитети, како и на ко-организирање и поддршка на локални превентивни иницијативи.

Вториот сет на интервенции е фокусиран на јакнење на капацитетите на работниците од прва линија, вклучително членовите на ЛСП, Локалните мултидисциплинарни тимови (ЛМТ), наставниот кадар во средните училишта, наставници вклучени во механизмите за пријавување, верски лидери, кадарот од центрите за социјална работа, како и професионалци ангажирани во областа на рехабилитација и реинтеграција.

Третиот сет е насочен кон размена на добри практики, унапредување на комуникациските канали и зајакнување на меѓуинституционалната координација, со цел воспоставување одржливи механизми кои ќе обезбедат континуитет и систематски пристап. Овие активности вклучуваат подготовка и пилотирање на модел за супервизија, активности за лиценцирање на услуги за рехабилитација и реинтеграција на повратници и нивните семејства, студиска посета, квартални состаноци меѓу национални и локални институции, како и воспоставување модел за локални координатори за спречување на насилен екстремизам.

Во рамки на овој исход ќе се реализираат вкупно 94 настани со приближно 1.953 учесници.

Во вториот исход, активностите се насочени кон јакнење на капацитетите на младите преку обуки за критичко размислување, социјална кохезија, застапување, истражување и граѓанска активност, како и преку организирање заеднички настани за промоција на меѓуетничка и меѓурелигиска толеранција и еколошки активизам. Ќе има вкупно 14 обуки и настани, како и вкупно 401 учесник.

Во третиот исход, фокусот останува на странските терористички борци повратници (СТБП) и нивните семејства. Примарно, ова ги опфаќа лицата повратници кои веќе ги имаат отслужено затворските казни, лицата кои сè уште се во издржување на казна но се очекува нивно ослободување за време на имплементацијата на програмата.

Покрај директната работа со повратниците, програмата ги препознава членовите на нивните семејства како клучна точка на интервенција во процесите на рехабилитација и реинтеграција, имајќи предвид дека семејната средина има централна улога и во превенцијата на понатамошна радикализација и во создавањето поддржувачка и овозможувачка основа за одржлива социјална и економска интеграција на повратниците. Во овој контекст, програмата посветува посебно внимание на жените и децата како категории кои често се изложени на зголемена социјална ранливост, стигматизација и ограничен пристап до поддршка и услуги.

Поддршката е насочена кон подобрување на психо-социјалната стабилност, користење на постојните социјални услуги и институционални механизми, како и олеснување на пристапот до пазарот на труд. Истовремено, програмата создава основа за долгорочна одржливост преку јакнење на улогата и капацитетите на институциите за самостојно преземање на овие процеси во иднина.

Во рамки на овој исход ќе се реализираат вкупно 680 активности со 30 учесници.

Спроведувачи на програмата се Македонски центар за меѓународна соработка, Центар за заедничка основа (ЦЗО) и Отворена порта – Ла страда. Периодот на спроведување е 1 октомври 2025 г. - 30 септември 2027 г.

Буџетот изнесува 21.600.000 МКД и е обезбеден од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата – ГЦЕРФ.

 
Се наоѓаш тука  : Home About Us Our History