1999 – Прибежиште Македонија - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

1999 – Прибежиште Македонија PDF Print E-mail

1999-godina-na-itni-operacii-prebeziste-makedonijaКосовската криза го наведе МЦМС целосно да се посвети на обезбедување прибежиште на бегалците на граничните премини, во бегалските кампови и во семејствата, во соработка со 21 организација. Во духот на добрососедство, МЦМС го прави првиот чекор надвор од Македонија со програма за обновување на Косово. МЦМС ја започна својата прва голема кампања - „Цело е кога има сé“.

„Човечка катастрофа, страв, лутина, загриженост, предизвик, гордост. Така МЦМС го доживеа тоа што се случуваше во 1999 година – годината на косовската криза и на кризата во СР Југославија. Овие чувства, како во земјата така и во МЦМС се развија во чувство на предизвик. Предизвик уште еднаш да го зачуваме мирот и стабилноста во нашата земја и со тоа да придонесеме за мирот и стабилноста на Балканот и уште еднаш да дадеме пример за помош на соседот во неволја. МЦМС оцени дека е клучно да го даде својот максимален придонес во овој предизвик и одлучи сите свои ресурси да ги насочи кон итните операции под името „Прибежиште Македонија“. Ова беа првите итни операции на МЦМС во неговото постоење.

Бегалски кампови. МЦМС реагираше брзо на бегалскиот бран и беше присутен на граничните премини Блаце и Јажинце, но и во селата Малино и Танушевци, во пограничната зона. На граничниот премин Блаце, МЦМС дистрибуираше доволни количини храна за 40.000 бегалци во првата недела од кризата. Со одобрение на Министерството за труд и социјална политика и во согласност со Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, МЦМС го презеде раководството со бегалскиот камп Радуша. За нецели две недели се подобри комплетната примарна инфраструктура (сместување во шатори, исхрана, водоснабдување, санитација). МЦМС беше активен и во камповите Бојане и Чегране.

Социјални случаи. И покрај 14-те отворени бегалски кампови, околу 170.000 лица беа сместени кај семејства домаќини. Најголем дел од бегалците беа сместени во повеќечлени семејства, кои заедно со згрижените лица понекогаш достигнуваа неверојатна бројка од над 50 членови во едно семејство. МЦМС обезбеди е помош за околу 50.000 корисници месечно (во период од пет месеци), од кои 26.000 бегалци и членови на семејства домаќини, вклучувајќи 2.000 бебиња, како и 24.000 социјално загрозени лица.

Цело е кога има се! - Слоганот кој стана своевидно мото на програмата за јакнење на јавната свест на МЦМС беше асоцијацијата на едно дете за тоа што е „цело“. Можеби поради тоа што толку наивно и јасно асоцираше на „цело“ оваа детска мудрост стана водилка на кампањата со која се промовираа општите човечки вредности, толеранцијата, разбирањето, мирот и стабилноста во државата. Дејствувањето на свеста на целокупното население во Македонија беше потребно за да се обезбеди толеранција во ситуација на зголемени тензии поради големиот број на бегалци од Косово.

Првото присуство на МЦМС во Косово. Во јуни 1999 година МЦМС го направи првиот чекор надвор од Македонија, во Косово. Беа поддржани заедниците во обновувањето на животот по конфликтот, преку поправка на живеалишта и друга инфраструктура, обезбедување храна, поддршка на земјоделието, создавање основи за генерирање приходи и поддршка на локалните граѓански организации. МЦМС отвори локални канцеларии во Ѓаковица и Драгаш, со персонал од 20 лица. Програмата се спроведуваше во 43 села од општините Ѓаковица, Ораховац, Призрен, Драгаш. Одредени операции, како што се развојот на граѓанското општество и поддршката на медиумите, се одвиваа на целата територија на Косово. Со поддршката беа опфатени околу 48.700 корисници. Според етничкиот состав, 65 отсто од нив беа Албанци, а припадниците на малцинствата, главно Горани во општината Драгаш, учествуваа со околу 35 отсто од вкупниот број на корисници.

„Само за потсетување – Македонија по мирен пат се здоби со својата незавиност и успеа да ја зачува и покрај обидите таа да се задуши со ембарга и блокади и е првата поранеш на југословенска република во која имаше мирен трансфер на власта по парламентарните избори во 1998 година.”

Годишен извештај на МЦМС за 1999 година.

1999

 

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home About Us Our History