Цивикус – Индекс на граѓанското општество - Qendra Maqedonase për Bashkëpunim Ndërkombëtar

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Цивикус – Индекс на граѓанското општество PDF Shtyp Shpërndaje me Postë Elektronike

Цивикус - Индексот на граѓанското општество (ИГО) е потврден начин за истражување  и проценка на состојбата на граѓанското општество. Во 2008 г. МЦМС се пријави на повикот на Светската алијанса за граѓанско учество Цивикус за национална координирачка организација и беше избран по втор пат да го координира и спроведе ИГО во Република Македонија. ИГО го проценува граѓанското општество преку анализа на 65 показатели во следните пет димензии на ГО: Граѓански ангажман; Ниво на организација; Практикување на вредности; Перцепција на влијание; и Надворешна околина. Овие показатели на граѓанското општество беа истражувани со: испитување на јавноста преку репрезентативен национален примерок, анкета на ГО, интервјуа со клучни личности, студии на случај, но и повеќе расправи меѓу различните актери во општеството.

IMG 4749Општа цел на проектот беше овозможувачка околина за ефективно функционирање на граѓанските организации. Цел на проектот беше споделени релевантни информации и анализи за состојбата на ГО.

Целна група на проектот беа општата јавност, ГО, државните институции, медиумите и деловниот сектор. Директни корисници беа над 10.000 граѓански организации, синдикати, верски заедници, организации на работодавачи и стопански комори. Проектот беше спроведен во Република Македонија, а активностите покрај во Скопје, се реализираа и во повеќето градови во РМ.

Постигнатите резултати опфаќаат: Релевантните чинители се информирани за состојбата со ГО во Македонија; Организирани 10 форуми за размена на знаењето за ГО; Дефинирани препораки за зајакнување на ГО; и Зголемен капацитет за истражување на учесниците во проектот.

Резултатите беа постигнати преку следните активности:

Национален индекс-тим (НИТ): На почетокот од проектот беше формиран НИТ од четири члена од МЦМС (прилог 1). НИТ беше директно одговорен за координација, спроведување на проектот и подготовка на продуктите. Во проектниот период одржа над 20 состаноци, на кои се идентификуваа членови на Советодавен комитет (СК), беа разгледувани заклучоците и препораките од состаноците на СК, беа утврдени прашалниците и примероците за анкетите. Понатаму НИТ ги разгледуваше и наодите од анкетите, ги утврди темите за приказите на случај. НИТ ги подготви аналитичкиот извештај и резимето со препораки за идните политики за ГО и ги презентираше пред неколку институции. НИТ исто така подготвуваше месечни  извештаи за Цивикус и беше во постојана комуникација со нив.

Советодавен комитет (СК): СК беше составен од 19 членови и одржа два состанока. Целта на првиот состанок одржан на 4.11.2009 г., беше запознавање и дискусија на членовите со концептот и методологијата на ИГО. Беше презентирана, дискутирана и потврдена дефиницијата на граѓанското општество и беше проценето граѓанското општество на ниво на перцепција. На 16.3.2011 г. се одржа и вториот состанок на СК каде беа презентирани и дискутирани наодите од истражувачките активности, истите беа споредувани со перцепираната состојба дискутирана на првиот состанок и беа предложени можни заклучоци и препораки кои би се дискутирале на Националната работилница.

Квантитативни истражувања: Во рамките на проектот се спроведоа повеќе анкети. Во април и мај беше спроведена Организациската анкета со интервјуа со 162  ГО од различни сектори на делување, место на регистрација и големина. Во мај и јуни се спроведе и анкетата за надворешна перцепција на влијанието на граѓанското општество, преку он-лајн прашалник и длабински интервјуа со 24 клучни информирани личности за ГО од другите сектори. Со овие две анкети се добија податоци за анализа на нивото на организација, практикувањето вредности; и перцепција за влијанието на ГО. НИТ одлучи да направи три анкети со населението, кои се спроведоа во посебен проект. Овие три анкети ги дадоа потребните податоци за анализата на граѓанскиот ангажман и околината на ГО.

Квалитативни истражувања: Квалитативните истражувања опфатија подготовка на прикази на случај и анализа на литература. НИТ одлучи заради мотивирање на истражувачите за анализа на ГО да објави јавен повик за прикази за ГО и да ги спроведе во рамките на посебен проект. Беа подготвени 16 прикази на случај за сите димензии на ГО. Покрај нив, беше подготвен и приказ на случај за ефектите и користа од спроведувањето на ИГО. Анализата на литература опфати над 50 наслови.

Регионални фокус-групи: во периодот од 2 – 15.2.2011 г. беа одржани шест регионални фокус-групи во: Скопје, Битола, Велес, Куманово, Штип и Струга, на кои учествуваа 89 учесници. Учесниците од сите општествени сфери кои беа дел од фокус групите се запознаа и дискутираа за наодите од претходно спроведените истражувачките активности на ИГО. Тие ги идентификуваа јаките и слаби страни на граѓанското општество во Македонија. Претходно беше организирана и фокус-група за наодите од Организациската анкета.

Национална работилница: Националната работилница се одржа во Скопје на 29.3.2011 г., а присуствуваа 34 учесници од сите сектори во општеството. НИТ ги презентираше наодите и заклучоците по димензии за состојбата со ГО. Учесниците преку работа во групи идентификуваа јаки и слаби страни на граѓанското општество по димензии и предложија заклучоци и препораки.

Продукти: Во септември 2010 г. беше подготвен и објавен истражувачкиот извештај „Самоперцепција за граѓанското општество“ заснован на наодите од Организациската анкета. Извештајот беше објавен во електронска форма на компакт-диск (ЦД) и на веб-страницата на МЦМС на македонски јазик. Во периодот февруари – март 2011 г. се подготвија и Аналитичкиот извештај за состојбата со граѓанското општество и Резимето со препораки за идни политики за граѓанското општество. Аналитичкиот извештај „Долг пат до поголем граѓански ангажман“ претставува длабинска анализа на петте димензии на ГО проценета преку 66 показатели. Во него се дадени и концептот и историјата на ГО во Македонија, како и заклучоци и препораки за неговиот понатамошен развој. Извештајот е објавен во електронска форма на македонски, албански и англиски јазик, на ЦД и на веб-страниците на МЦМС и Цивикус. Резимето претставува насока за владата за идните политики за граѓанското општество, но и за клучните чинители од другите сектори и за граѓанското општество за преземање на активности потребни за зајакнување на граѓанското општество и справување со слабостите. Резимето е објавено во електронска форма на ЦД и на трите гореспоменати јазици и веб-страници, а во печатена форма на македонски и англиски јазик. Покрај ова, подготвени се и повеќе бази на податоци.

Периодот на спроведување беше 1 јули  2009 г. – 30 јуни 2011 г.

Претпоставки кои влијаеа и придонесуваа кон постигнување на проектните резултати се остварија: Учесниците во проектот беа посветени на спроведувањето на активностите; ГО ги препознаа и прифатија своите слабости и покажуваа подготвеност за нивно надминување; ГО беа посветени на идентификувањето и споделувањето најдобри практики;  и  Државниот и деловниот сектор учествуваа во активностите.

Самиот пристап на проектот овозможуваше и бараше вклучување на повеќе актери од различни сектори. Во проектот учествуваа над 250 претставници на ГО, владините институции, Собранието, локалната самоуправа, медиумите, универзитетите, црквите и верските заедници, синдикатите, претпријатијата, стопанските комори и др.

Информации за активностите на проектот редовно беа објавувани на веб-страниците на МЦМС и на Цивикус.

МЦМС беше одговорен за спроведување на проектот. Цивикус беше одговорен за спроведување на ИГО на глобално ниво. Во проектот беа применувани стандардните системи и процедури на МЦМС. Одговорен соработник за проектот беше Даниела Стојанова, одговорна за програмата, а во спроведувањето на активностите беа вклучени десетина соработници, како дел од НИТ, како поддршка или пак во истражувачките активности. Раководителот на Одделението за граѓанско општество Емина Нурединоска ја надгледуваше целокупната работа. Одборот на директори учествуваше во насочување и советување во врска со пристапот и методологијата на истражувањето.

Наодите од ИГО се корисни за формулација на идни истражувања било за јавното мислење за граѓанското општество, јаките и слабите страни на ГО, правната и фискалната средина за функционирање на ГО и сл. Додадена вредност на ИГО беше и активното учество на најразлични актери од општеството, што овозможи воспоставување контакти меѓу различните сектори, но и започнување или подобрување на комуникацијата и соработката.

Проектот беше сложен. Ризикот од недостапност на актерите во планираниот период за спроведување на одредената активности, што би предизвикало доцнење на последователните активности, но и реализација на проектот не се оствари. Друг ризик беше нецелосните обезбедени финансиски средства, заради што беа подготвени и оптимален и минимален план и буџет за спроведување. Овој ризик беше надминат, а проектот се спроведе со оптимален буџет, но предизвика продолжување на временскиот рок за спроведување. Сепак, заради обемноста и сложеноста на активностите ИГО бара голем човечки ангажман, што во периоди од спроведувањето на проектот предизвика доцнење.

Директните трошоци за проектот изнесуваа 838.840 денари.

Извршно резиме од проектот.

 
Се наоѓаш тука  : Fillimi Për punën tonë Hulumtime dhe publikime Lista e hulumtimeve dhe publikimeve