А1: НВО: Недостиг на критична мисла во Македонија |
E martë, 29 korrik 2008 01:00 | |||
Македонските влади во континуитет немаат слух за ставовите на Невладиниот сектор, велат дел од невладините активисти, откако вчера евроамбасадорот Фуере рече дека Цивилниот сектор се плаши да зборува јавно за работат на Владата. Само тројца од осумтемина контактирани се согласија пред камера да говорат на темата што ја загатна Фуере. „Јас познавам некои претставници од Граѓанското општество што им било дури и страв да реагираат и да дадат свои погледи на нештата, така што би сакал да замолам уште еднаш да се има поголема соработка со овој сектор и да се почитуваат мислењата што доаѓаат од овој сектор“, рече Фуере. За Суад Мисини од Истражувачкиот центар за граѓанско општество постојат неколку причини зошто Невладините ја немаат улогата што во ЕУ членките. „Граѓанскиот сектор нема капацитет да истера до крај ниту една голема идеја“, вели Мисини, според кого Премиерот нема намера сериозно да разговара со Граѓанскиот сектор, најмногу поради вештачки создадените Невладини организации кои работат на владините проекти. „Ова е една традиционална појава бидејќи отсекогаш владите во РМ немале слух за капацитетите на невладиниот сектор, напротив, многу често се случувало тие да бидат означувани како шпиони, кодоши или непријатели на државата итн.“, изјави Суад Мисини, Истражувачки центар за граѓанско општество. „Факт е и тоа дека поголем дел од активистите во Невладиниот сектор имаат проблем јавно да го изразат своето мислење, било заради страв, било заради одредени било какви конекции или врски со институции“, додаде Суад Мисини. За Сашо Клековски од Македонскиот центар за меѓународна соработка проблемот може да се бара и кај Владата, но и кај НВО секторот. Македонија е мала земја средина во која сите сме поврзани на роднинска, бизнис или пријателска база и затоа голем дел од активистите во невладините организации се плашат отворено да зборуваат за работата на Владата. Секој интелектуалец има можност да го отфрли стравот и да говори јавно, без притоа да калкулира со изгубените владини дотации за издавање на книга или валидна поддршка на проект, вели Клековски. „За жал, и кај претходната, меѓутоа понагласено кај оваа Влада има еден автоматизиран одговор кога ќе дојдеме до несогласување, па познато е дека тој, таа или таа организација е блиска до СДСМ. Мојата порака е дека не е важно кој кажува, туку што кажува“, рече Клековски Сашо, МЦМС. Проблемот со недостаток на критичка мисла во Македонија не е нов, постоел отсекогаш, велат соговорниците на А1. За тоа говори и фактот што и во социјализмот Македонија била една од ретките земји во кои немало дисиденти кои отворено говореле против режимот. Извор: А1 (29.07.2008)
|