Потребен е социјален и граѓански дијалог |
E enjte, 25 shkurt 2010 16:42 | |||
Денес (25 февруари 2010 година), во хотелот Холидеј ин во Скопје, Заедничкиот консултативен комитет за на граѓанското општество на Република Македонија и Европската Унија ја одржа својата втора средба. Во воведниот дел, на присутните им се обрати Џелал Бајрами, министер за труд и социјална политика. Тој ја поздрави работата на Комитетот и нагласи дека преку работата на овој комитет очекува да се иницираат повеќе дебати и размена на информации во РМ и во ЕУ. Васко Наумовски, вице-премиерот за европски прашања, во своето обраќање го потенцираше значењето на учеството на граѓанскиот сектор за креирањето на политиките и посветеноста на Владата на РМ да ја подобрува таа вклученост во иднина. Присутните ги поздрави и Ерван Фуере шеф на Делегацијата на ЕУ во РМ и специјален претставник на ЕУ, како и двајцата со-претседатели, Владимира Дрбалова и Сашо Клековски.
Во вториот дел на средбата, министерот Бајрами зборуваше за моменталната состојба на РМ на патот кон ЕУ. Тој го потенцираше залагањето на Владата на РМ да обезбеди континуитет во реформските процеси, „особено во реализацијата на приоритетите од Партнерството за пристапување.“ Тој понатаму даде кратко резиме на најзначајните постигнувања во исполнувањето на Копенхагенските критериуми. На крај, министерот Бајрами уште еднаш нагласи дека овој комитет со својата работа треба да придонесе за унапредување и развој на социјалниот и граѓанскиот дијалог како што се практикува во повеќе европски земји помеѓу социјалните партнери.
Амбасадорот Фуере, зборувајќи на истата тема ги потенцираше клучните подрачја каде реформите треба да продолжат: завршување на прашањето со името на државата; ефективно спроведување на усвоените закони кои се од витално значење; независност на судството и елиминирање на сите форми на политичко влијание, борба против корупцијата, постигнување поголема доверба меѓу етничките заедници, понатамошно спроведување на Охридскиот договор, поголема посветеност на вклучувањето на граѓанските организации во процесот на донесување одлуки, засилување на социјалниот дијалог преку широко претставување и понатамошни консултации и дебати за постигнување најдобри решенија за законот за недискриминација.
Во третиот дел од средбата беа презентирани извештаите за економските и социјалните права. На крајот од Втората средба ЗКК усвои заклучоци кои опфаќаат неколку сегменти: патот на Република Македонија кон Европската Унија, економските и социјалните права, политиките за социјална инклузија и идните активности.
|