E premte, 01 shkurt 2019 10:03 |
На првата редовна седница во оваа година одржана во Солун, Република Грција, членовите на Управниот одбор го разгледаа и дискутираа Годишниот деловен извештај на МЦМС за 2018 година. МЦМС ја заврши годината со вкупно 34 проекти и буџет од околу 116 милиони денари. Управниот одбор го утврди Годишниот извештај кој треба да биде разгледан и одобрен од страна на Советот на МЦМС.
Членовите на Управниот одбор, Одборот на директори на МЦМС и уште неколку соработници на МЦМС, на 29 и 30 јануари 2019 година беа во работна посета на Солун, Република Грција. Тие имаа средби во општината, како и со неколку професори од Универзитетот „Македонија“. Целта на посетата беше меѓусебно запознавање и дискусија за можностите за соработка, не само со општината и универзитетот, туку и пошироко. Фокусот на разговорите беше неодамна ратификуваниот „Преспански договор“ од страна на Парламентите во двете држави и активностите кои би можеле да ги преземат граѓанските организации, општините и образовните институции за меѓусебно зближување и соработка. Разговорите беа конструктивни и од нив произлегоа повеќе идеи кои МЦМС ќе ги операционализира во следните пријави за проекти. МЦМС има претходно искуство во спроведување на активности за сензитирање и помирување на различни групи граѓани што му дава предност во работењето на проекти од ваква природа.
|