Ресенчани ги утврдија проблемите од областа на животната средина |
E hënë, 29 dhjetor 2008 12:18 | |||
Околу 100-тина Ресенчани учествуваа на втората форумска сесија во рамки на програмата “Форуми во заедницата“ што се одржа во средата, на 17 декември, во хотелот “Китка“. На оваа форумска сесија жителите на Ресен, кои беа распоредени на 10 работни маси, имаа можност да ги утврдат и да дебатираат за проблемите што сметаат дека се приоритетни за решавање од областа на заштита на животната средина. Пред граѓаните беше презентирана темата која беше избрана на првата форумска сесија- животна средина како и сите досега реализирани проекти од областа на животната средина во Општината Ресен. На форумската сесија граѓаните издвоија повеќе проблеми кои сметаат дека се приоритетни за решавање, како проблемот со повлекувањето на Преспанското Езеро, прекумерното користење на подземните води, немање на канализациона мрежа во селата кои гравитираат кон Преспанското Езеро, поради што фекалните води се испуштаат во езерото, проблеми со водоснабдувањето во селските населби, градската депонија која не задоволува минимални услови, како и немањето на депонија за градежен и медицински отпад, создавање диви депонии, недостигот на садови за собирање на ѓубрето, прекумерната употреба на пестицидите итн. За сите овие проблеми граѓаните на Ресен дебатираа и во наредните форумски сесии и ќе предлагаат решенија и конкретни проекти. “Како проблеми во општината би ги издвоил проблемот со загадувањето на Преспанското Езеро, загадувањето на Голема Река, проблемот со градската депонија, прекумерното прскање на овошките со големи дози на пестициди. Потребно е да се изгради колекторски систем за прочистување на отпадните води, заштита на Голема Река, но и на другите реки, заштита од прекумерното прскање на овошките со пестициди“, истакна Илија Јаневски, наставник, вклучен во работната маса образование и здравство. Тој додаде дека го поддржува ваквиот начин на директно одлучување на граѓаните преку форуми во решавањето на проблемите кои се значајни за локалната заедница. Наум Стерјовски од бизнис секторот, ги посочи проблемите со прекумерното загадување од индустриските капацитети, како и потребата за изработка на проекти за намалување на загадувањето од индустриските капацитети и искористување на отпадот од индустриското производство. Иванчо Маричевски, студент вклучен во работната маса млади, истакна дека потребно е да се подигне свеста кај младите, но и кај постарите за поголема заштита на животната средина, за што е потребна подолготрајна кампања. Во слична насока размислуваа и граѓаните вклучени во работната маса спорт и млади. Како што рече Менде Карапалевски, професор, потребна е поголема едукација на младите за да се подигне свеста кај нив. “Ми се допаѓа ваквиот начин на одлучување на граѓаните и сметам дека е многу корисен, само имам забелешка на времетраењето на сесиите, би сакала да се покуси“, рече средношколката Ивона Каранфиловска. Таа додаде дека би сакала да се изгради еден парк за младите кој би бил уреден со клупи и зеленило, кој младите би го користеле за шетање и рекреација, затоа што таков парк му недостасувал на градот. Сите проблеми кои ги утврдија граѓаните на Ресен беа групирани во четири групи и тоа: недоволно развиена еколошка свест на граѓаните на Ресен, загадување на водата, воздухот и почвата од прекумерна употреба на хемиски препарати и фосилни горива, немање на соодветен третман на цврстиот отпад и отпадните води, како и загрозен воден потенцијал и несоодветно водоснабдување во Преспа. “Јас сум многу задоволен што граѓаните на Ресен во своите излагања изнесоа голем дел од проблемите со кои се соочуваат и влијаат врз квалитетот на животната средина во Ресен и Преспа. Задоволен сум што граѓаните со своето учество максимално се вклучија во идентификацијата на проблемите и прифаќањето на начините за нивно разрешување“, истакна на крајот на форумот Миодраг Колиќ, модератор.
|