Битолчани ги идентификуваа проблемите |
E hënë, 29 dhjetor 2008 12:32 | |||
Околу 60 жители на Битола, кои присуствува на втората форумска сесија што во рамки на програмата “Форуми во заедницата“ се одржа на 20 декември во ОУ “Елпида Караманди“, во Битола, ги идентификуваа проблемите во својата општина. Форумот, каде на почетокот општинскиот претставник Тони Стојчевски ги претстави надлежностите на локалната власт како и финансирање на општинските проекти, опфати доструктуирање и дооформување на “работните маси“, на кои Битолчани, во наредните сесии, ќе ги утврдуваат и усогласуваат своите интереси и приоритети. Беа формирани 13 “работни маси“ - основно и средно образование, високо образование, пензионери, туризам и угостителство, услуги во здравството, животна средина, културни активности, бизнис сектор и претприемачи, млади, локална самоуправа, индустрија, социјални услуги и ИТ сектор. Присутните на секоја од овие “маси“ посочија по три проблеми во општината, кои потоа се групираа во четири групи проблеми, за што ќе се формираат и работни групи. Тоа се неквалитетна сообраќајна инфраструктура, незадоволителни комунални и јавни услуги, недоволна туристичка промоција и недоволни капацитети за спорт и рекреација. Инаку, работната група е оперативно тело што нема право на глас, а работи меѓу форумските сесии. Битола е една од осумте општини што во рамки на Програмата беше избрана во вториот циклус од Втората фаза на Програмата во која се предвидува да се вклучат околу 25 општини во наредните три години. Вкупниот буџет на Програмата изнесува шест милиони денари, од кои четири милиони се донација на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а два милиони денари се учество на општината.
|