| Во спомен на Данило Митов (1960 – 2026) |
|
|
|
| E premte, 17 prill 2026 13:26 | |
|
Со длабока тага се простуваме од нашиот драг колега, Данило Митов (Дачо), кој долги години беше значаен дел од нашата организација и остави силен белег со својата работа и личност.
Дачо му се придружи на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во турбулентната 1999 година како дел од тимот за „Итни операции“. Заедно со колегите, работеа на справување со последиците од косовската бегалската криза. Неговата прва задача беа пакетите со хуманитарна помош за бегалците. Иако низ извештаите ќе ги сретнеме како број на пакети и тони храна и хигиенски производи, тој најчесто ги презентираше во километри – „поделивме 270 км пакети“, велеше, „или од тука (Скопје) до Солун“. Потоа продолжи да работи и на активностите поврзани со конфликтот во Македонија, на поддршка на раселените лица. Колегите кои подоцна му се придружија на МЦМС го запознаа Дачо како домаќин на организацијата, како поддршка во секоја програма и на секој од проектните соработници. Беше секогаш подготвен да помогне, да сподели искуство, да даде совет. Без него не почнуваа подготовките за ниту еден настан. Мораше се да биде добро испланирано, да бидат обезбедени сите неопходни работи однапред и да се почне не навреме, туку предвреме. Ќе го памтиме како строг, но правичен колега. Кога ќе се подналутеше знаеше да каже „еден стап некастрен да имам“, а кога ќе не потскараше обично завршуваше со „не биди шупелка“! Ќе го памтиме и неизмерно ќе ни недостасува неговиот ведар дух и позитивна енергија што ја носеше со себе. За време на нашите спонтани дружби знаеше да рече „ете тоа му треба на човек, да се собереме, да се насмееме и да се развеселиме. Има ли поубаво?“ Не, нема поубаво. Ние од неговото „второ семејство“, како што не нарекуваше сите кои некогаш сме биле дел од МЦМС, длабоко го чувствуваме неговото отсуство. Нашата утеха се спомените за него кои ќе останат трајно со нас. Почивај во мир мил наш Дачо. Тимот на МЦМС
|