| Граѓанските организации со заеднички иницијативи за подобрување на изборниот процес |
|
|
|
| E mërkurë, 11 mars 2026 14:41 | |
|
На 5 и 6 март 2026 година во хотел Милениум во Охрид, во организација на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), се одржа средба за вмрежување на грантистите на Акциските грантови за поддршка на Локалните избори 2025. Средбата имаше за цел да овозможи размена на искуства, споделување на клучните наоди и препораки од спроведените активности за следење на изборите, како и да поттикне заедничко размислување за приоритетите за подобрување на изборниот процес. Воедно, настанот беше насочен и кон развивање конкретни иницијативи за застапување кои ќе придонесат кон унапредување на изборното законодавство и изборните практики.
Во текот на првиот ден, учесниците имаа можност да се запознаат со практични пристапи за трансформирање на наодите од мониторингот во конкретни политики и препораки. На почетокот беше презентирана онлајн алатката за иницијативи за застапување развиена од Граѓанскиот ресурсен центар, а потоа Златко Талевски, регионален експерт за Пелагонискиот плански регион, преку конкретни примери даде насоки како резултатите од набљудувањето на изборите може да се преточат во предлози за јавни политики, нагласувајќи дека овој процес подразбира премин од едноставно набљудување кон подлабока анализа, формулирање на препораки и предлагање применливи реформи. Анита Гаговска, регионален експерт за Југозападниот плански регион, ги претстави клучните алатки и пристапи за дигитално застапување, потенцирајќи ја улогата на дигиталните канали и онлајн комуникацијата во подигнување на јавната свест и мобилизирање поддршка за иницијативи од јавен интерес. Во рамки на работните сесии, организациите работеа заеднички на идентификување на приоритетни области за подобрување на изборниот процес и на развивање иницијативи за застапување насочени кон различни институции и засегнати чинители. Како резултат на оваа работа беа дефинирани четири иницијативи за застапување.
Имајќи предвид дека е формирана работна група за измена на Изборниот законик, учесниците се согласија да подготват заеднички допис до Владата во кој ќе ги претстават клучните наоди од 11-те проекти преку кои беше следен изборниот процес за Локалните избори 2025, како и да побараат претставници од граѓанските организации да бидат вклучени во работната група. Дополнително, организациите се договорија во текот на мај да подготват допис до донаторската заедница во кој ќе ги споделат клучните наоди од мониторингот на изборите, но и ќе укажат на потребата од континуирана поддршка за граѓанските организации кои работат на следење на изборните процеси и на мониторинг на исполнувањето на изборните ветувања и заложби на институциите. Покрај работата на иницијативи за застапување, средбата беше искористена и за отворање на темата за унапредување на организациските стандарди кај граѓанските организации. Во таа насока беше презентирана и онлајн алатката за самооценка „Огледало на граѓанските организации“, која има за цел да им помогне на организациите да ги проценат своите практики во однос на доброто управување, транспарентноста и отчетноста и да идентификуваат области за понатамошно организациско јакнење. Средбата за вмрежување беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
|