Силна волја за зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанското општество |
E premte, 06 shtator 2024 13:29 | |||
„Граѓанските организации се гласот на народот, каналот преку кој граѓаните ги изразуваат своите потреби, идеи и визии. Но, за да може овој глас да биде доволно силен и влијателен, потребна е поддршка, разбирање и координирана соработка со државните институции. Нашата Влада е свесна за оваа потреба и за важноста на градењето на партнерски односи со граѓанскиот сектор. Приоритет на Владата, во периодот 2024-2028, е поддршка на инклузивен, независен и професионален граѓански сектор, кој е партнер на институциите во креирањето и реализацијата на стратешките цели на државата“ изјави Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата на дебатата на тема „Зајакнување на соработката меѓу Владата и граѓанското општество“ што се одржа на 4 септември 2024г. во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Генералниот секретар го најави и формирањето на гарантниот фонд за обезбедување на кофинансирање на проектите на граѓанските организации, мерка која што е предвидена во Програмата на Владата. „Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата ја истакна континуираната важност на граѓанското општество во процесите на донесување одлуки и следење на државните активности и ја истакна потребата од подобрена транспарентност во креирањето политики и поинклузивни процеси на консултации“ – рече Бен Нупнау, Заменик шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Понатаму тој истакна дека на граѓанското општество му е потребна стратешка, долгорочна и прилагодена поддршка за ефективно да придонесе кон пристапните процеси на државата. Примарниот канал за поддршката на ЕУ за граѓанските организации е ИПА инструментот за поддршка на граѓанското општество кој од 2008 до сега обезбедени над 45 милиони евра за граѓанското општество во државата. Дополнително, Европската Унија обезбедува поддршка и за Владата во креирање поволна средина за функционирање и развој на граѓанското општество. Овој тип на поддршка ќе биде достапен и во иднина, особено за креирање на новата стратегија за соработка, за реформа на државното финансирање како и за повторно да профункционира Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Во моментов се спроведува четвртата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024, која треба да обезбеди поттикнувачка и одржлива околина за непречено функционирање и независно делување на граѓанските организации. Сузана Никодијевиќ-Филиповска, раководител на Секторот за анализа на политиките и координација во Генералниот секретаријат на Владата се осврна за степенот на спроведување на Стратегијата. Дел од предвидените нормативните мерки и активности, како Законот за здруженија и фондации, новиот Закон за донации и спонзорства во јавните дејности, Законот за социјални претпријатија, Законот за волонтерство се во понапредна фаза но за ниту еден од нив не е завршена правната рамка за нивно усвојување. Никодијевиќ-Филиповска ја најави и следната Стратегија чие изготвување ќе се води преку консултативен и инклузивен процес. Зоран Илиески како поранешен член на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество истакна дека Советот не функционираше соодветно бидејќи не комуницираше со своите конституенти, односно дел од граѓанските организации кои беа членови во Советот не ги известуваа и не се консултираа со организациите кои што ги претставуваа во Советот. Тој ја истакна потребата од итна измена на Одлуката за формирање на Советот за да се надминат увидените проблеми за да може Советот да функционирање ефективно. Во однос на правната реформа за креирање на овозможувачка средина за граѓанските организации, Валентина Величковска од Граѓанскиот ресурсен центар истакна дека во следниот период фокус треба да се даде на носење на Законот за здруженија и фондации, Законот за волонтерство, Законот за социјални претпријатија и Законот за донации и спонзорство во јавните дејности. Покрај тоа, Кодексот на добри практики за финансирање на здруженија и фондации како и Кодексот на добри практики за учество на граѓанскиот сектор во процесот на креирање политики треба да се трансформираат во задолжителни подзаконски акти. Настанот стави фокус и на обезбедување поддршка на граѓанските организации на локално ниво, од изготвување локални стратегии за соработка и развој на граѓанското општество, зголемена и транспарентна финансиска поддршка на локално ниво како и јакнење на нивните организациски капацитети преку различни проекти финансирани од Европската Унија. Во дискусијата со учесниците беа дадени повеќе предлози за подобрување на опкружувањето за нивно функционирање како и низа предизвици со кои се соочуваат организациите. Како пример беше истакнат предизвикот со кој се соочуваат многу организации кои во зададениот рок, од незнаење или неинформираност, не регистрираа вистински сопствени во Централниот регистар, а сега се соочени со обврската да платат сума од над 1000 евра, бидејќи во спротивно не можат да работат со банките односно не можат да функционираат. Следните активности треба да ја потврдат волјата за соработка. Владата и граѓанските организации ќе работат на измена на Одлуката за формирање на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество како и на следната Стратегија за соработка со и развој на граѓанското општество.
|