Инструментот за самооценка покажа дека граѓанските организации сметаат дека се најдобри во делот на организациски вредности, посветеност и култура |
E mërkurë, 07 gusht 2024 09:38 | |||
Од ноември 2023 година до сега, вкупно 199 организации го пополнија Инструментот на ГРЦ за самооценка на организациските капацитети, идентификувајќи ги своите организациски капацитети за да бидат компетентни, ефикасни, ефективни, отчетни и одржливи, независни чинители. Овие организации се оценија со збирна, просечна оценка 3.92, од можна, највисока просечна оценка 5 . Сумираните резултати од пополнетите самооценки покажуваат дека организациите најдобро се имаат оценето во категоријата: “Организациски вредности, посветеност и култура“, со средна оценка 4,21 (од можна највисока оценка 5), односно во следниве области опфатени со оваа категорија: организациска култура, организациска доверба, посветеност на раководството и персоналот кон напредокот на организацијата и политиката на организацијата за спречување судир на интереси. Најниска оценка во задолжителните категории кои влегуваат во збирната оценка на организацијата, има добиено категоријата: “Човечки ресурси“, оценета со средна оценка 3,62 (од можна највисока оценка 5), за следниве области кои влегуваат во оваа категорија: процедури и пракси за селекција на персонал, системи за наградување и мотивација на персоналот, систем за привлекување членови и волонтери, административни и менаџерски капацитети на персоналот и системи/програми за јакнење на капацитетите на персоналот. Очекувано, најслаби оценки имаат категориите поврзани со капацитетите на организациите за застапување (3,67) и испорака на услуги (3,32), кои се опционални, бидејќи не сите организации во својата мисија и генерални цели ги имаат застапувањето и испораката на услуги како компоненти кои ги практикуваат во своето делување. Како последователна активност на инструментот за самооценка е менторската поддршка на организациите за добивање подетални насоки за областите во кои им е потребно јакнење на организациските капацитети, како и договарање дополнителни можности за градење на нивните капацитети. Така, од вкупно 22 менторски сесии одржани од 2023 година, 7 беа посветени на самооценката на организациските капацитети. Со цел постојано да има слика каде организациите сметаат дека имаат потреба од јакнење на нивните капацитети, кои се нивните јаки и слаби страни, ГРЦ и во иднина ќе ги поттикнува организациите да го пополнуваат Инструментот за самооценка на организацискте капацитети и на ваков начин, јавно, ќе продолжи да ги објавува сумарните самооценки, кои може да бидат употребени од страна на различни чинители кои работат во областа на поддршка и развој на граѓанското општество. Инструментот за самооценка на организациски капацитети е изготвен во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
|