Безбедноста на детското (не)вакцинирање и ризиците од личниот избор |
E hënë, 18 shkurt 2019 17:16 | |||
Актуелната состојба со епидемијата на морбили беше причина МЦМС да го провери јавното мислење за вакцинирањето. Според истражувањето, за големо мнозинство од граѓаните (89,7%) целосно или донекаде се важни вообичаените вакцини кои се применуваат во земјава. Висок е и процентот (86,3%) на оние кои сметаат дека целосно или донекаде е важно родителите да ги вакцинираат децата. Околу 69% од граѓаните се загрижени дека може да избие епидемија не само на сипаници туку и на други заразни болести. Речиси две третини (59,2%) целосно или делумно се согласуваат со привремената мерка на Министерството за здравство, за забрана на прием на деца што немаат примено МРП вакцина во градинките. Големо мнозинство од граѓаните (69,7%) целосно или донекаде се загрижени за несаканите дејства од вакцините, но 86,6% рекле дека немаат искуство со некој што имал несакана реакција на вакцина. Такво искуство имале 8,0% од испитаниците. Прашани за тоа дали веруваат дека постои поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, 9,8% целосно се согласуваат, а 16,7% воопшто не се согласуваат. Мнозинство од граѓаните (54,1%) сметаат дека безбедноста на детското вакцинирање бара понатамошна дебата иако 38,2% сметаат дека науката која ја поддржува безбедноста на детското вакцинирање е неоспорна. Од друга страна, вкупно 56,9% имаат целосна или делумна доверба во системот на државата за оценка на безбедноста на вакцините и препораките кои треба да бидат дадени. Речиси половина од граѓаните (47,2%) веруваат дека имале придобивки од развојот на вакцините. Вкупно 71,9% од испитаниците целосно или донекаде се согласуваат дека доколку некое дете не е вакцинирано, други деца се изложуваат на ризик од болест. Повеќе од половината од граѓаните (54,6%) сметаат дека со одлуката на родителите да не ги вакцинираат децата, тие ги изложуваат на ризик и децата и целото општество, додека една третина (33,1%) сметаат дека родителите треба да имаат право да одлучат дали нивните деца ќе се вакцинираат или не. Многу сличен е и процентот (33,6%) на оние за кои вакцинирањето е прашање на личен избор, за разлика од мнозинството (61,5%) за кои вакцинирањето е прашање на јавното здравство. Дали разногласието во врска со вакцинирањето се должи на (не)информираноста? Вкупно 51,6% рекле дека јавноста не добива доволно информации од докторите за вакцинацијата. Матичниот доктор е извор на информации за вакцините само за 18,4% од граѓани-те. Главен извор на информирање за вакцините се медиумите и тоа, телевизијата, радиото и весниците за 28,8% од испитаниците, а интернет порталите и форумите за 11,7%. Заедно со социјалните медиуми (13,5%), овие канали на комуникација се извор на информации за вакцините за 54,0% од граѓаните. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците за последната анкета беа прибирани со теренска анкета во периодот од 15 до 30 јануари 2019 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1001 испитаник.
|