Граѓаните не поддржуваат амнестија и вонредни избори |
E premte, 30 nëntor 2018 17:58 | |||
Мнозинство од 56,5% од испитаниците се согласуваат со продолжувањето на спроведувањето на Договорот со Грција во Собранието на Република Македонија, односно со процесот на измена на Уставот, а 40,8% не се согласуваат. Значително поголем е процентот на етничките Албанци кои рекле дека се согласуваат (92,6%) во однос на етничките Македонци (43%). Ова го покажа најновото истражување на МЦМС и Телевизија Телма за актуелните политички случувања.
Мнозинска е и поддршката (54,4%) за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за отворањето на постапката за Уставните измени во Собранието на Република Македонија. Гледано низ призмата на етничката припадност, прилично се изедначени одговорите кај етничките Македонци, односно 46,1% ги поддржуваат, а 47,4% не ги поддржуваат. Кај етничките Албанци пак, големо мнозинство од 77,5% ги поддржуваат. Големо мнозинство од граѓаните (66,9%) сметаат дека не е потребна амнестија за политичко помирување во земјата, туку спроведување на правдата. Поинаку мислат околу една четвртина од граѓаните (24,8%). За околу 10 процентни поени е повисок бројот на етничките Македонци (27,9%) кои сметаат дека амнестијата ќе донесе политичко помирување во однос на етничките Албанци (17,6%). Изедначен е бројот на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кои се „за“ (47%) и оние кои се „против“ (47%) амнестијата, додека кај гласачите на СДСМ големо мнозинство од 81,7% сметаат дека амнестијата нема да придонесе за политичко помирување. Дваесет процентни поени е разликата меѓу испитаниците кои се согласуваат (37,0%) и оние кои не се согласуваат (57,8%) со амнестијата за обвинетите/учесниците во настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Посилно несогласување има кај етничките Албанци (67,6%) отколку кај етничките Македонци (53,2%) и кај гласачите на СДСМ (74,5%) во однос на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ (26,9%). Мнозинство од граѓаните (61,7%) не се согласуваат ниту со амнестија за лицата кои се дел од обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство. Иако несогласувањето е мнозинско и кај македонската и кај албанската заедница, сепак понагласено е несогласувањето кај етничките Албанци (70,5%) во однос на етничките Македонци (56,9%). Речиси 42 процентни поени е разликата помеѓу гласачите на СДСМ (74,5%) и оние на ВМРО-ДПМНЕ (26,9%) кои не се согласуваат со амнестија во случаите на СЈО. За мнозинството од граѓаните (58,9%) вонредни избори не се решение за политичките случувања, додека една третина (33,5%) сметаат поинаку. Нема значајни разлики гледани низ етничка перспектива. Вкупно 47% сметаат дека избори треба да има во редовен термин, додека една четвртина сметаа дека треба да се организираат вонредно, во скратени рокови. За 16,1% изборите треба да се одржат заедно со претседателските избори во март 2019 година. Политичарот со најголема доверба е Зоран Заев (21,4%), но сепак, најголем број од граѓаните рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар (39,9%). Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски ужива доверба кај 7,4% од испитаниците, а претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кај 6,1% од испитаниците. Според одговорите на прашањето: доколку утре се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате, СДСМ е во благо водство со 26,8%, наспроти ВМРО-ДПМНЕ се 21,5%. Кај политичките партии од тнр. албански политички кампус, најмногу гласови би добиле ДУИ (6,7%), па потоа Алијансата за Албанците (3,0%). Висок е процентот на оние кои нема да гласаат (21,3%) како и на оние кои не знаат или не дале одговор (15,4%). За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците за анкетата беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 7 до 15 ноември 2018 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1014 испитаници.
Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД.
|