Презентирани искуствата за спроведување на Конвенцијата на ООН за борба против корупција |
E hënë, 09 korrik 2018 15:29 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) на 5 јули организираа Конференција на тема: „Конвенцијата на ОН против корупција (УНКАК) и интегритетот, транспарентноста и антикорупциските превентивни политики“ која имаше за цел да го унапреди знаењето за механизмите на ревизија на оваа Конвенција и нејзиното значење во македонската легислатива за борба против корупцијата. Заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, го нагласи значењето на овој меѓународен инструмент и заложбите на министерството за негово доследно вклучување и примена. Тој потенцираше дека заложбите на Владата на РМ се целосно насочени кон справување со корупцијата и дека во тој дух се и измените на Закон за спречување на корупција. Ристовски ја потенцираше и потребата од учество на граѓанскиот сектор во овој процес. Раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини, укажа на потребата од продолжување на реформите во справување со корупцијата. Според него, Македонија на патот кон ЕУ мора целосно да се посвети на создавање легислатива и институции кои ќе бидат посветени на борбата против корупција и додаде дека граѓанскиот сектор може да биде вреден партнер на државните институции на ова поле. Бертолини истакна дека независно тело кое ќе биде задолжено да ја гони корупцијата е приоритет и дека оваа реформа е значајна за државата. За значењето на УНКАК, како механизам во борбата против корупцијата и улогата на граѓанските организации зборуваа претставници од граѓанскиот сектор. Тие се осврнаа на искуствата од нивните секојдневни активности на ова поле. Меѓународни искуства беа презентирани од страна на меѓународните експерти, Вид Томиќ од Транспаренси интернешнал Словенија и Мет Тром од Бингам центарот за владеење на право од Велика Британија. Дел од Конференцијата беше и панелот посветен на улогата на државните институции во спроведувањето на Конвенцијата со посебен осврт на Глава 2 и 5. Претставниците од Минстерството за правда и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја презентираа нивната улога во овој процес. УНКАК е меѓународен инструмент за воспоставување на анти-корупциски стандарди кој има обврзувачки карактер за државите кои ја ратификувале Конвенцијата. УНКАК ги обврзува државите членки да спроведат неколку антикорупциски мерки кои се фокусираат на пет главни области: превенција на корупција, спроведување на законот, меѓународна соработка, наплата на средства, техничка помош и размена на информации. Целта на УНКАК е да се намалат различните видови на корупција како што се: тргување со влијание и злоупотреба на моќ, корупција во приватниот сектор; проневера и перење пари. Покрај тоа, УНКАК ја зајакнува меѓународната соработка за спроведување на законот и судската соработка меѓу земјите преку обезбедување на ефективни правни механизми за меѓународно искористување на средствата. Конференцијата беше дел од проектот „Следење на антикорупциските реформи“, кој го спроведува МЦМС во соработка со БЦСДН, а финансиски е поддржан од Европската комисија.
|