ДКСК треба да биде главната институција во борбата против корупцијата |
E enjte, 29 mars 2018 11:29 | |||
„Таму каде што почнува корупцијата, завршува економијата“, рече меѓу другото Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори на конференцијата на МЦМС на тема „Борбата против корупцијата - предизвик за заедничко делување на граѓаните и институциите“ што се одржа на 28 март 2018 година во Скопје. „Извештајот за проценка на корупцијата на МЦМС покажува дека стопанствениците даваат поголем отпор на барањата за корупција и тоа е добро, затоа што значи дека не се плашат“, додаде Анѓушев и ги охрабри да продолжат така, да ги известуваат медиумите за тие обиде, затоа што, „така ќе и помогна на владата во борбата против корупцијата“. Покрај тоа, тој истакна дек еден од првите чекори на владата во борбата против корупцијата е да ги направат процесите на поддршка транспарентни, како и јавните набавки, за граѓаните да имаат увид во трошењето на јавните пари. Според Анѓушев, ДКСК треба да биде главната институција во борбата против корупцијата, институција која треба да биде деполитизирана и која нема да работи по ничиј диктат. На присутните им се обрати и Пол Едвардс (Paul Edwards), заменик шеф на мисијата на Британската амбасада во Македонија, кој се осврна на мотивите за поддршка на проектот Следење на работата на ДКСК, што го спроведуваше МЦМС во изминатите 18 месеци. „Се потврди дека јавноста кај нас станува главниот контролор на постапувањето на институциите. Но останува прашањето дали е тоа доволно? Дали постојната законска рамка оставила празнини регулаторните тела да се чувствуваат комотно и недопирливо, па дури и да се доведат во состојба на кршење на законите, а за интегритетот и етиката на поедини носители на јавните функции, воопшто нема потреба да се коментира“, рече Розета Трајан, државен секретар на ДКСК. Таа апелираше на политичката волја за зајакнување на независноста на ДКСК и силно препорача соработка на институциите со граѓанските организации. МЦМС ја следеше работата на ДКСК во периодот од октомври 2016 до декември 2017 година. Благодарение на надворешниот мониторинг и редовните квартални извештаи, прифатени се една третина од препораките што МЦМС и ги дал на ДКСК. За прв пат е подготвен и доставен до Собранието на РМ Извештај за можни злоупотреби на буџетски средства во изборен период. Извештајот се однесуваше на предвремените парламентарни избори одржани во 2016 г.; во февруари 2017, ДКСК го усвои Планот и динамиката за 2017 г. за спроведување на антикорупциска проверка на легислативата на веќе донесени закони; почна да спроведува активности со кои го поддржа унапредувањето и примената на Законот за заштита на укажувачите; го подготви првиот Извештај за примени пријави од укажувачи (за 2016 г.), и го достави до Собранието на РМ во ноември 2017 г.; ја ажурираше и ревидираше Листата на информации од јавен карактер со кои располага; иницираше средби за соработка со граѓанските организации и со приватниот сектор и го зголеми бројот на известувања на веб страната за активностите кои ги имала. Од анкетата што ја направи МЦМС, а во која граѓаните го кажаа своето мислење за ДКСК, може да се забележи дека таа е препознаена како институција за справување со кoрупцијата. Половина од граѓаните знаат за ДКСК и за нејзините надлежности. Тие ја препознаваат како една од трите институции кои најмногу придонесуваат во борбата против корупцијата и секој петти граѓанин таму би пријавил корупција. Иако граѓаните ја препознаваат ДКСК како институција која придонесува во борбата против корупцијата и би пријавиле корупција во неа, сепак повеќе од половината сметаат дека ДКСК со својата работа го штити поединечниот, а не јавниот интерес. Повеќе од третина од граѓаните сметаат дека ДКСК неефективно ја врши својата работа. Конференцијата е дел од проектот „Следење на работата на ДКСК“, што го спроведува МЦМС, а кој е поддржан од Британската амбасада во Македонија.
|