МЦМС и МРФП се вклучија во помошта на поплавените |
E hënë, 29 gusht 2016 15:26 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) поддржани од претставници на неколку грантисти на Цивика мобилитас се вклучија во поддршката на луѓето од поплавените подрачја во околината на Скопје. На 12 август 2016 година, група 30тина луѓе се собраа во просториите на МЦМС тргнаа кон поплавените подрачја. Петмина од нив останаа во Синѓелиќ и помогнаа во расчистувањето на повеќе куќи и други простории, како што побараа мештаните. Поголемата група се упати кон Стајковци каде се подели во помали групи и покри шест поплавени семејства. „Во Стајковци не пречекаа мештаните, припадници на Армијата на РМ и секако, огромни купишта ѓубре кои не можеле да се расчистат заради отсуство на багери и друга механизација“, вели Симона Огненовска од МЦМС. „Неколкумина од нас, со поддршка на еден од војниците, ја поделивме сета помош во вид на пакети со храна и хигиенски производи, средства за дезинфекција, чизми, кофи, маски и ракавици. Потоа се вклучивме во расчистувањето на куќата на еден од жителите обидувајќи се да направиме ред во целиот хаос. Потресна беше сликата на човекот кој се обидуваше да одлучи што да фрли, а што да задржи од работите прекриени со кал, препознатливи само за него – но неупотребливи за која и да е намена. Неговата двоспратна куќа само во неговите мисли имаше лик, за оние што помагаа, беше само кал која со маки се расчистуваше. За среќа, ако воопшто може да се зборува за среќа во ваква ситуација, групата успеа да го расчисти долниот дел од куќата“, раскажува Огненовска. И покрај поразителната глетка во поплавените подрачја, останува чувството дека овие 30тина луѓе успеаја да им помогнат на настраданите не само материјално. Заедничкото работење и разговорот придонесе барем малку да се поткрене духот на овие луѓе во неволја чии што потреби се различни и од оваа перспектива, бескрајни.
|