Општината да најде начини за реализација на сите проекти |
E enjte, 17 tetor 2013 09:05 | |||
Граѓаните на општината Шуто Оризари на 9 октомври 2013 година имаа можност да учествуваат на четвртата форумска сесија што се одржа во ОУ Браќа Рамиз-Хамид. Членовите на работните групи презентираа пет предлог проекти: Реновирање и санација на централни улици; Реновирање и санација на споредни улици; Улично осветлување; Уредување на јавни површини; и Уредување на тротоарите и просторот околу нив. „Проблеми секогаш имало, има и ќе има и понатаму, но, добро е што општината мисли на народот и ги слуша неговите потреби“, рече Усеин Невзат, граѓанин на Шуто Оризари. Според него, фокусот треба да се стави на улиците во општината бидејќи навистина се во лоша состојба. Тој додаде дека и недостатокот на зеленило е проблем и препорача доколку се прават нови Детални урабанистички планови, во нив да бидат предвидени повеќе игралишта и детски паркови со зеленило. За Нешат Абазовски, презентираните проекти се добри и сите се во корист на граѓаните. „Сметам дека би било добро општината тука да не застане, туку за проектите кои нема да се изберат, да изнајде начин да ги реализира, без разлика дали тоа ќе го направи со општински средства или со средства од други донатори“, додаде тој. На сесија граѓаните беа запознаени и со критериумите и правилата за избор на проекти кои ќе бидат финансирани од програмата „Форуми во заедниците“. На крајот на форумската сесија беше формирана работна група за подготовка на препораки кои ќе и бидат дадени на општинската администрација на наредната, петта форумска сесија.
|