Интернет-присуство на партиите во изборите 2011 |
Автор: Борис Ристовски Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот за демократија Социетас цивилис - Скопје (ИДСЦС) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во април 2011 г. започнаа повеќе заеднички активности за вонредните парламентарни избори, кои вклучуваат истражувања, набљудување на изборните програми и кампањи, на медиумите, на изборната администрација и на денот на гласањето. Со овој документ се прикажува моменталната состојба (заклучно со 25 мај 2011 година) на интернет-страниците на партиите и коалициите кои учествуваат на парламентарните избори 2011. Една од целите е да се покаже колку често се употребуваат овие комуникациски канали, односно дали се користи можноста што ја дава интернетот. Анализата на архивските записи е направена преку нереактивно собирање јавно достапни податоци (Nonreactive data collection). Анализата на интернет-страниците, како и на сметките на социјалните медиуми е направена на 25 мај 2011 година. Детално се анализирани вкупно 15 интернет-страници и официјалните сметки на социјалните медиуми поврзани со нив. Анализата покажа дека најголем дел, 83 % (15) од политичките партии/коалиции кои учествуваат на парламентарните избори 2011 имаат сопствена интернет-страница и истите се подетално анализирани. Три (17 %) од нив сè уште немаат сопствена интернет-страница. Најупотребуван социјален медиум е фејсбук – 83 % (14), по него јутјуб, a најмалку употребуван е твитер. Голем дел од партиите/коалициите – 53 % (8) ги користат сите три социјални медиуми. Не е забележана употреба на други типови социјални медиуми. Во овој документ се претставени резултатите од спроведената анализа и заклучоците кои произлегуваат од неа. Резултатите се претставени графички преку графикони и табели, користени се и апсолутни бројки и проценти. |