| Нови алатки, нови можности: голем интерес за AI кај граѓанските организации |
|
|
|
| Saturday, 18 April 2026 13:29 | |||
|
Граѓанскиот ресурсен центар продолжува да ги јакне граѓанските организации. Овој пат, фокусот беше ставен на начинот на користење на вештачката интелигенција (AI) во работењето на граѓанските организации. На инфосесијата која се одржа онлајн на 16 април 2026 г. присуствуваа околу 60 учесници.
На настанот учесниците беа информирани што се chat модели, а што reasoning модели, нивните разлики и кога се користат, а беше практично покажан и начинот на употреба на алатките ChatGPT и Claude. Во втората сесија од овој информативен настан учесниците беа запознаени како функционираат алатките за истражување: Perplexity и NotebookLM, разликата помеѓу класично пребарување и истражување користејќи дигитални алатки, а потоа беше и практично прикажан начинот на користење на Perplexity и NotebookLM. Презентирано беше, преку практичен пример, за креирање обука, материјал за обуката, истражување на релевантни податоци за обуката, и изработка на презентации, видеа, инфорграфици и друг нагледен материјал. Дополнително во овој дел беше претставена алатката Diffit, со цел изработка на наставни материјали за поуспешна и поинтерактивна обука. Во третата сесија учесниците беа информираникако вештачката интелигенција помага во комуникација и видливост, креирање кампања, генерирање текстови и идеи,дизајн на постери/социјални постови и брзо визуелизирање на идеи со практична примена на креативните алатки Gemini/Nano Banana и Canva AI. Информативниот настан заврши со презентирање на начинот на користење на AI во дигиталните социјални иновации, односно доближување на терминот “AI for Good”, и со цел воведување на AI во програмски и системски решенија во согласност со мисијата на организациите, а не само основно користење на алатките за секојдневна употреба.
“Ви благодарам за овој информативен настан, прекрасен е и многу корисен. Исто така би било добро да добиеме и обука со пишани материјали како чекор по чекор да ги користеиме овие алатки, како и да добиеме инструкции за начинот на добивање бесплатен пристап до сите алатки до кои можеме да имаме пристап како граѓански организации “ рече Тања Цветковиќ Данева од EPY HUB Скопје. Своето задоволство од начинот и темите кои беа опфатени на инфосесијата изрази и Елена Ташева Трипчева од Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, опишувајќи го настанот како “многу содржаен“, како и Јасминка Капац од МАЦЕФ, Скопје, со иста потреба од проширување на знаењата од оваа област. „Главното прашање после цел настан не е дали ќе користите AI во вашите организации, туку на кој начин ќе ја користите. Повеќето организации застануваат само на оперативно и истражувачко ниво на користење на AI, но иднината е на воведување на AI во програми и услуги кои организациите ги нудат, а особено на стратешко и системско ниво. Оние организации кои не ја преминуваат границата од оперативно кон иновативно користење, за жал ќе заостануваат и нема да бидат конкурентни, ниту квалитетно да допринесуваат за мисијата која ја застапуваат. AI нема да ги замени организациите, туку организациите што користат AI ќе ги заменат оние што не ја користат“ - рече Анита Гаговска, регионален експерт за граѓанско општество за Југозападниот плански регион, која го спроведе овој настан. Информативниот настан беше организиран во рамки на проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар
|