| Граѓанскиот ресурсен центар во 2025 |
|
|
|
| Wednesday, 31 December 2025 09:59 | |||
|
Зад нас е година исполнета со соработка, ангажман и заедничко дејствување, во која граѓанските организации беа во фокусот на активностите на Граѓанскиот ресурсен центар, редовно споделувајќи информации, јакнејќи ги нивните капацитети и поддржувајќи процеси релевантни за развојот на граѓанското општество. Во изминатата година, Граѓанскиот ресурсен центар постигна значајни резултати преку бројни активности спроведени за и со граѓанските организации.
Поттикнувавме граѓански активизам и учество преку 13 информативни настани, консултативни средби и дебати на различни теми релевантни за развојот на граѓанското општество, со вкупно 384 учесници. Овие активности обезбедија простор за дијалог, размена на мислења и консултации меѓу граѓанските организации, државните институции и другите засегнати страни. Го поддржавме консултативниот процес за новата Стратегија на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025-2028 и придонесовме кон подобра информираност на организациите за изборот на членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Продолживме со поддршка на локалните организации преку шест посети на Мобилниот ресурсен центар во Крушево, Валандово, Демир Капија, Битола, Јегуновце и Кочани, со учество на 82 претставници на локални организации, активнисти и други чинители. Преку овие посети беше обезбедена директна теренска поддршка и размена на информации и искуства со организациите, со што се придонесе кон јакнење на капацитетите и подобрување на пристапот до ресурси на локално ниво. Ги зајакнувавме капацитетите на граѓанските организации преку шест обуки од важни организациски области како волонтерство, дигитална трансформација, административно работење, собирање податоци со користење на алатката KoboToolbox, дигитални социјални иновации и мониторинг, евалуација и учење на организациско ниво, со вкупно 165 учесници. Дополнително, беа спроведени 64 менторски сесии на теми како што се дигитализација, ЕРАЗМУС+, волонтерство, организациски развој, добро управување, транспарентност и отчетност, со што се обезбеди насочена и прилагодена поддршка согласно конкретните потреби на организациите. Доделивме 11 грантови за поддршка на локалните избори 2025, со цел јакнење на организациите во нивното активно учество и ангажираност за инклузивни, транспарентни и отчетни локални избори. Во 2025 година, 28 локални организации ги спроведуваа акциските грантови за локални иницијативи за справување со различните локални предизвици на нивнте целни групи. Подготвивме две анализи – „Огледало на Владата, Годишен извештај од следењето на ЕНЕР во 2024“ и „Спроведување на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024“ – како и 12 месечни прегледи од следењето на ЕНЕР, 35 неделни известувања за предлог-закони објавени на ЕНЕР и 12 месечни прегледи на можности за финансирање на граѓанските организации. Овие активности овозможија навремен пристап до информации и поддршка на организациите во нивното учество во процесите на креирање политики засновано на докази. Во 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар продолжи со развој и промоција на дигитални алатки за самооценка на граѓанските организации. Беше изготвена нова онлајн алатка за самооценка на транспарентноста, отчетноста и доброто управување – „Огледало на граѓанските организации“, додека постоечката онлајн алатка за самооценка на организациските капацитети до сега е пополнета од вкупно 318 организации, обезбедувајќи вредни сознанија за потребите за организациски развој. Обезбедувавме редовна поддршка преку совети и консултацииза повеќе од 350 организации и граѓани во 2025. Оваа поддршка е надополнета со платформата за поддршка на локалните организации преку ресурсните центри во Скопскиот, Полошкиот и Источниот регион, како и регионалните експерти од граѓанското општество за Пелагонискиот и Југозападниот плански регион, овозможувајќи достапна и прилагодена поддршка на локално ниво. Редовно ги информиравме граѓанските организации преку листата за дистрибуција со 9.536 е-маил адреси, преку која во 2025 година беа споделени над 250 релевантни информации. Дистрибуираните информации опфатија можности за финансирање, настани и други содржини значајни за работата и развојот на граѓанските организации. Обезбедивме простор во Скопје, Гостивар и Штип за спроведување на активности на граѓанските организации, при што во текот на годината беа организирани вкупно 167 настани од страна на други организации во Граѓанскиот ресурсен центар Скопје и над 200 настани во ресурсните центри во Гостивар и Штип. Со овозможување на овој простор, Граѓанскиот ресурсен центар им даде поддршка на организациите за навремена и ефикасна реализација на нивните активности и иницијативи. Платформата ЗООМ е користена од организациите за повеќе од 50 онлајн настани. Во 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар дополнително ги унапреди дигиталните алатки за поддршка на граѓанските организации. Во рамки на Онлајн академијата за граѓанските организации беше снимена и објавена една нова тема, фокусирана на мониторинг, евалуација и учење на организациско ниво. Дополнително, онлајн инструментот за следење и промоција на иницијативи за застапување на граѓанските организации беше ажуриран со шест иницијативи за застапување. Во 2025 година, Граѓанскиот ресурсен центар го зајакна своето онлајн присуство преку веб-страницата, е-маил комуникацијата и социјалните медиуми. Веб-страницата оствари 79.395 прегледи во рамки на 49.432 посети од над 25.000 корисници, при што најпосетени содржини останаа прегледите на можности за финансирање и повиците за грантови. Комуникацијата преку мејлинг листата и Facebook, дополнително придонесе кон зголемена видливост и ангажман на граѓанските организации. Во 2025 година, на веб-страницата беа објавени 43 вести, додека на Facebook профилот беа објавени 190 објави, преку кои Граѓанскиот ресурсен центар комуницираше со 4.013 следбеници. Ви благодариме за континуираната соработка и посветеноста во јакнењето на граѓанското општество. Во 2026 година, ќе продолжиме да ве поддржуваме со ресурси, знаења и алатки кои придонесуваат кон одржливо, отпорно и влијателно граѓанско општество. Ви посакуваме успешна и инспиративна 2026 година!
|