Одржана обука за новите 14 грантисти за спроведување на локални иницијативи |
Monday, 30 December 2024 12:37 | |||
На 26 декември 2024 се одржа онлајн обука за избраните грантисти на повикот за акциски грантови за локални иницијативи. На настанот беа обучени претставници на 28 организации, кои во следните девет месеци ќе спроведуваат акциски грантови за локални иницијативи во шестте различни области: Подобрување на околината за развој на граѓанското општество; Добро управување, владеење на правото и борба против корупција; Локален економски развој, социјална економија и социјална инклузија; Зелена агенда: климатски промени, животна средина и чиста енергија; Родова еднаквост и млади; Здравје, здравствена заштита и здравствена култура. Грантистите преку своите локални иницијативи ќе работат на справување со различните локални предизвици на целните групи како зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти, јакнење на локални младински совети и формирање на младински парламенти, зголемување на вклученоста на жените и младите во локалните процеси на донесување одлуки, зголемување на социјалната и економската вклученост на младите и жените од различни етнички заедници, подобрување на социјалната вклученост на старите лица, јакнење на отпорноста на локалната заедница кон климатските промени и справување со еколошките проблеми, справување со корупцијата, подобрување на можностите за квалитетна палијативна нега во домот и други предизвици. Повеќе детали за локалните иницијативи на овие 14 акциски грантови се достапни на веб-страната на Граѓанскиот ресурсен центар. Во однос на регионалната покриеност на грантовите два гранта ќе се спроведуваат во Скопскиот регион, два во Југозападниот регион, еден во Југоисточниот регион, два во Североисточниот регион, два во Источниот регион, по еден грант во Пелагонискиот и Полошкиот регион, Полошкиот и Југозападниот регион, Североисточниот и Источниот регион и во Пелагонискиот и Југозападниот регион. На обуката, грантистите се запознаа со клучните правила и процедури за спроведување на проекти финансирани од Европската Унија, како што се финансиското работење и потребни пропратни документи за финансиски известување, набавки за добра и услуги на проект, процесите на известување и мониторинг, комуникација и видливост. Акциските грантови за локални иницијативи се дел од проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
|