Антикорупциски реформи во земјите од Западен Балкан: Поглед наназад за следната декада |
Friday, 09 April 2021 20:43 | |||
На 8 април 2021 година се одржа годишниот анти-корупциски форум на најголемата антикорупциска мрежа во Југоисточна Европа СЕЛДИ чија членка е и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). На форумот се дискутираше анти-корупциската агенда на земјите од Западен Балкан за следната деценија. Претставници од мрежата СЕЛДИ го презентираа најновиот Регионален извештај за анти-корупција – Западен Балкан 2020: Ризици од заробена држава и реформи на политиките, кој е оценка заснована на повеќе фактори на ранливост на корупција и капацитетот за борба со корупција во регионот, за период од две години. Според Извештајот, притисокот за заробеност на државите во регионот останува на високо ниво. Резултатите покажуваат дека ниту една од земјите не е близу до целосно зафаќање на државата, но има критични нарушувања во функционирањето на демократските и економските контроли и рамнотежa. Степенот до кој се толерира корупцијата во пошироката јавност е важен показател за напредокот во интегритетот на јавните функции. Системот за следење на корупцијата на СЕЛДИ, кој мери поситни форми на корупција (мито), покажува дека прифатливоста на корупцијата останува релативно висока во Западен Балкан. Највисока е во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово. Заменик на претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, го претстави планот на Владата на Република Северна Македонија „Акција 21 – за европски стандарди дома“ со осумнаесет мерки за поттикнување на институционалните и анти-корупциските реформи. Тој посочи дека пристапот на владата се потпира на дигитализација на јавните услуги и регистри, со што ќе се отстрани било какво субјективно влијание во административните постапки. Никола Бертолини, раководител на Одделот операции од Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија и Џулио Венери, Раководител на Центарот за тематска експертиза, владеење на право, темелни права и демократија при Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување (ДГ НЕАР) ја потврдија јасната посветеност на Европската Унија на регионот, но исто така ја потенцираа и потребата од демонстрирање на политичка волја за видливи реформи во земјите од Западен Балкан. Тие истакнаа дека неодамна одобрениот Економски и инвестициски план за Западен Балкан обезбедува неверојатна можност за зголемување на конкурентноста и инклузивниот раст на регионот. Сепак, спроведувањето на планот оди рака под рака со пристапот „темелните права на прво место“, како и заложбите за справување со измамите, корупцијата, перењето пари и злоупотре-бата на службена должност со ефективни, убедливи и санкции пропорционални на кривичните дела. Така, финансиската помош од девет милијарди евра, предвидена со овој план, ќе може да се искористи само доколку земјите покажат контрола и транспарентност во распределбата на средствата. Панелистите се согласија дека справувањето со корупцијата е комплексно прашање кое може да трае со децении. Земјите не треба да го губат мотивот за реформи, ниту да потклекнат под економските или политичките влијанија на претставници на полу-авторитарните режими. Патот напред може да вклучи различни меѓународни и национални актери, како граѓанското општество, зајакнувањето на политиката на условеност на ЕУ, и интегрирање на напорите во борбата против корупцијата во поширок контекст на политики.
|