Потранспарентни и поотчетни здруженија преку обука за финансиско управувањево Битола |
Monday, 17 February 2020 14:41 | |||
Ревизија и системи за внатрешна контрола, управување со ризици, набавки, буџетирање, директни и индиректни трошоци на проекти се темите за кои граѓански организации беа најмногу заинтересирани на дводневната обука „Финансиско управување, финансиска транспарентност и отчетност на ГО” организирана на 6 и 7 февруари во Битола. На обуката 19 учесници имаа можност подобро да се запознаат и со законската и даночната рамка за функционирање на здруженија и фондации, вклучувајќи и статус на организација од јавен интерес. Преку практичните примери и вежби, на учесниците им се појаснија низа дилеми и прашања поврзани со даночното законодавство во земјата. Голем дел од учесниците покажаа голема мотивираност да ги споделат научените работи со управните структури и останатото членство во нивната организација. Тие очекуваат да воведат измени во однос на управување со ризици, интерни контроли и финансиско управување, кои ќе придонесат за зголемена транспарентност и отчетност на организациите. Дел од учесниците побараа ваква обука на основно ниво со цел помалите локални организации да се запознаат подобро со основите на финансиско управување. Обуката е дел од Програмата за градење капацитети на граѓанските организации во склоп на Граѓанскиот ресурсен центар, проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка во партнерство со Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
|