Доверба во политичарите и политичките партии |
Wednesday, 25 December 2019 13:15 | |||
Вонредните парламентарни избори кои треба да се одржат во април 2020 година беа причина Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) да ги проверат ставовите на граѓаните за актуелните политички случувања во земјата. Денес ги објавуваме податоците од третиот дел на истражувањето кои се однесуваат на довербата на граѓаните во политичарите и партиите, односно нивниот рејтинг. Најголем број испитаници (41,3%) рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, a 8,5% одби-ле да одговорат на ова прашање или одговориле со „не знам“, со што речиси половина (49,8%) од граѓаните искажуваат целосна недоверба кон актуелната политичка елита. Другата половина од граѓаните, најголема доверба има во Зоран Заев (16,5%) и Христијан Мицкоски (14,2%). По нив сле-дуваат, лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 6,9% и претседателот на државата Стево Пендаровски со 4,2%. Речиси и да нема разлика помеѓу рејтингот на двете најголеми политички партии во државата, односно таа е во маргините на статистичката грешка. Актуелната партија на власт, СДСМ (22,1%) има благо водство пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ (20,4%). Рејтингот на ДУИ 6,6%. Мнозинство од испитаниците (64,5%) одговориле дека сегашната Влада не ги исполнила нивните очекувања (воопшто 44,2% и делумно 20,3%). И покрај тоа, 58,7% од испитаниците сметаат дека опозициската партија не заслужува да биде избрана на следните парламентарни избори. Сепак, мнозинството испитаници (59,1%) одговориле дека сакаат да излезат на гласање. Истражувањето „Гласачки ставови и перцепции за актуелни политички случувања“ е составено од три дела: Моментални политички случувања во државата, Ставови во однос на изборниот процес и Доверба во политичарите и политичките партии. Податоците за последната анкета беа прибирани со теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Податоците за оваа анкета беа прибирани со теренска анкета, во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година, на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници, а ја спроведе агенцијата М-проспект.
|