Цивика мобилитас прослави една декада постоење |
Friday, 29 November 2019 15:05 | |||
„На почетокот на претходната фаза на Цивика мобилитас, граѓанското општество беше претставено како дрво со голема крошна, но слаби корења. Денес, таа ситуација е доста изменета, благодарение на Цивика мобилитас и нејзиното инсистирање да се обноват врските на граѓанските организации со граѓаните што придонесе корењата на тоа дрво да бидат подлабоки, а граѓанското општество да стане значаен чинител во менувањето на општеството. Во тоа го гледам успехот на Цивика мобилитас во оваа декада постоење“, рече Ибрахим Мехмети од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) на годинешната Средба за вмрежување која се одржа од 25 до 27 ноември 2019 година. Учеството на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во една од дебатите само по себе ја нагласи улогата на заедницата на Цивика мобилитас и на граѓанскиот сектор во дијалогот со институциите. Таа разговараше со учесниците, меѓу другото и за прашањето на државно финансирање, за кое, граѓанските организации очекуваат дека ќе се спроведува по нова, потранспарентна методологија но, не ги криеја ниту очекувањата за зголемување на износот, постепено во следните години до износ од околу 30 милиони евра. Покрај тоа, граѓанските организации ја прашаа министерката Царовска дали ќе има измени во начинот на финансирање на инвалидските организации, што прави Министерство за труд и социјална политика за воспоставување на довербата во системот на раководење со случај, односно како ќе го менува односот во третманот на корисниците, за децентрализацијата во социјалната сфера, но, исто така и за прашањата на миграциите, животната средина итн. Дел од дебатата беше и функционирањето на Советот за соработка со граѓанските организации. На бројните прашања на присутните одговараше Зоран Илиески, член на Советот. За време на тридневната Средба за вмрежување, 97 претставници на граѓанските организации кои се дел од заедницата на Цивика мобилитас, работеа на зголемување на меѓусебната соработка, изнаоѓање заеднички приоритети и поставување на темелите за идно здружено делување. Тие работеа на унапредување на комуникациските вештини преку учење на нови и интересни алатки, а исто така ги визуелизираа нивните постигнувања во последните 10 години и на тој начин ја претставија колективната моќ која ја изградиле преку индивидуални акции. На оваа средба повторно се воспоставија Платформите за соработка, нивните цели, а се направија и нацрт планови за наредните активности кои ќе се преземат и ќе бидат од заеднички интерес на членовите на секоја од нив. Учесниците изразија задоволство од можноста да се запознаат со нови организации, да ги споделат своите искуства, како и да ги слушнат и да научат од туѓите. Ваквиот начин на вмрежување особено го поздравија новите членови на Заедницата кои за првпат учествуваат на ваква средба и се инспирираа од своите колеги за наредните чекори кои ќе ги преземат. Средбата за вмрежување останува најголемиот годишен собир на граѓанските организации и истата претставува уникатна можност за учесниците, сите заедно на едно место да ги споделат искуствата, да дискутираат за проблемите и здружено да работат на нивно решавање.
|