Мултикултурни поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија |
Wednesday, 14 March 2018 13:15 | |||
Автор: Лилјана Поповска Мултикултурните општества имаат потреба од заеднички именители кои ќе обезбедат интеркултурен дијалог, заради намалување на поделеноста во општеството и зголемување на социјалната кохезија, во функција на стабилна, демократска и просперитетна држава. Трудот го истражува влијанието на мултикултурните поврзувања во граѓанскиот сектор во Република Македонија врз јавните политики и социјалната кохезија, како механизам за јакнење на граѓанскиот концепт на државата. Направено беше истражување со интервјуа на испитаници од значајни мултикултурни мрежи и движења. Изработена беше и студија на случај за Македонското женско лоби, мрежа на женски организации формирана во 2000 година за повеќе жени во политиката и унапредување на нивниот статус. Лобито ги обедини жените во борба за поголеми права, надминувајќи ги политичките, етничките и верските разлики. Остана заедно и за време на воениот конфликт од 2001 година, лобирајќи за мир во земјата. Изврши силно влијание врз јавните политики преку внесување четири вида родови квоти во изборните закони. Резултати се 5-пати повеќе избрани жени на национално и локално ниво, законски промени и институционални механизми за родова рамноправност. Трудот констатира позитивно влијание на мултикултурните поврзувања во граѓанскиот сектор врз јавните политики и социјалната кохезија, но со одредено ограничување врз севкупната интегрираност на општеството, поради отсуството на силна и трајна институционална поддршка за граѓанскиот сектор.
|