Започна летната турнеја за мониторинг и мотивација на Цивика мобилитас |
Wednesday, 30 August 2017 12:05 | |||
Тимот на Цивика мобилитас кон крајот на јули започна со серија посети на своите своите грантисти чии проекти се спроведуваат во моментов или веќе завршиле, а чиј број e 208 организации. Целта на оваа турнеја е одблиску да се види работата на организациите, да се слушнат нивните искуства од проектите како и да дадат препораки кои во иднина можат да ѝ послужат на програмата за нејзино усовршување. „Разговорот и споделувањето искуства на лице место овозможува да се добијат многу повеќе информации од оние што се презентирани во формалните извештаи. Во нив не е возможно да допреме до човечкиот фактор, подемите и падовите за време на проектот, мотивацијата за работа и преминувањето на препреките,“ – објасни Петруш Тоинес, интернационален тим лидер на Цивика мобилитас. Посветениот тим на програмата верува дека ова е одличен начин обичните луѓе да разберат за што се залагаат организациите, кои се нивните постигнувања и како тие секојдневно ги менуваат животите на илјадниците граѓани во чие име се борат. За таа цел, оваа турнеја ќе резултира со бројни патувачки приказни кои ќе ѕирнат зад кулисите и ќе ги откријат темелите на граѓанското општество. Разновидноста на програмата дава можност да се споделат стории од најразлични сфери на животот, од заштита на животната средина до работнички права. „Наше е тие да излезат на виделина, а граѓаните се оние кои се надеваме ќе ги поттикнеме уште пожестоко да се борат за своите права,“ – велат од Цивика.
|