МЦМС ги запозна институциите со следењето на околината за граѓанско општество |
Friday, 14 October 2016 16:14 | |||
На 5 октомври 2016 година во МЦМС беше организирана работилница на тема „Следење на околината во која делуваат граѓанските организации и потенцијалната улога на органите на државна управа“. Емина Нурединоска и Симона Огненовска од МЦМС ги запознаа претставниците од државните институции со околината во која делуваат граѓанските организации, а потоа заедно дискутираа за можностите за нејзино подобрување. Зошто е важно да се создадат оптимални услови за развој на граѓанското општество? Која е улогата на државните институции во тој процесот? Кои се принципите и стандардите на трите клучни области за развој на граѓанското општество? Низ овие прашања се разговараше за идната соработка за надминување на предизвиците и исполнување на препораките наведени во Извештајот за овозможувачка околина за развој на граѓанското општество. Поврзано со ова беа презентирани и Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2012-2017 и Насоките за поддршка на ЕУ за граѓанското општество во земјите од проширувањето. Државните службеници беа заинтересирани и упатија конкретни прашања и препораки. Тие истакнаа дека граѓанското општество треба да биде еднаков партнер со државата во креирањето на политики и закони. Бројни прашања се отворија и за соработката на државните институции со граѓанските организации при обезбедувањето на услуги. Гордана Гапиќ Димитровска од Министерството за информатичко општество (МИОА), укажа на потребата од дијалог меѓу граѓанските организации кои се даватели на услуги и државните институции. Зорица Стаменковска од Агенција за млади и спорт (АМС) посочи на нивната практика за вклучување на граѓанските организации и другите засегнати страни во процесот на носење предлог закони и политики. Според неа, треба да се зголеми разбирањето и меѓусебната доверба. Претставени беа и регионалните иницијативи за унапредување на околината за развој на граѓанското општество, како што е регионалната веб-платформа за развој на граѓанското општество и состојбите и околината во која дејствуваат граѓанските организации во земјите од Западен Балкан и Турција. Државните претставници истакнаа дека има потреба од подобрување на системот на државно финансирање на граѓанските организации за да се поттикне нивниот развој. Понатаму, ја истакнаа потребата од прецизни податоци за граѓанските организации кои им се неопходни и на државните институции во процесот на креирање политики, зајакнување на соработката со граѓанските организации во областа на социјалниот развој и реализирање на мерките наведени во Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2012-2017. Овие активности според државните претставници би требало да придонесат кон подобрена соработка и дијалог со граѓанското општество, како и создавање на цврсти врски и мрежи помеѓу нив. Работилницата беше спроведена во рамки на проектот „Аки (Acquis) на балканското граѓанско општество: Јакнење на потенцијалот и капацитетите на граѓанските организации за застапување и лобирање“. Проектот е спроведуван од БЦСДН и членките на БЦСДН, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) и Европската мрежа на национални граѓански организации (ЕННА), а финансиски поддржан од Европската Унија.
|