100 дена Влада - перцепции на граѓаните на РМ |
Thursday, 10 November 2011 15:23 | |||
Автори: Марко Трошановски и Миша Поповиќ Институтот за демократија (ИДСЦС), во соработка со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), спроведе телефонска анкета помеѓу 4 и 6 ноември 2011 година. Тема на истражувањето беше мерење на перцепциите и ставовите на граѓаните за работата на Владата на Република Македонија. Непосреден повод беше навршувањето сто дена од воспоставувањето на Владата. Целта на истражувањето беше да се измери јавното мнение по низа прашања за да може да се заокружи општа слика за довербата на граѓаните кон Владата и нејзината работа, како и ставови во врска со низа релевантни прашања кои произлегуваат од политичкиот живот во Македонија. Придобивката од ова истражување е додавањето емпириски податоци во јавната дебата со што се помага аргументираното оценување на општествените случувања во земјата. Темите кои ги одбравме како прашања за испитување претставуваат збир од прашања за кои ние сметаме дека се релевантни за оценување на работата на Владата на Република Македонија. Во еден дел тоа се ставови поврзани со исполнување програми и политики кои Владата ги определува како стратешки цели. Во останатиот дел се општествено значајни прашања за кои Европската комисија (во својот последен извештај) посочува дека треба дополнително да се работи. На крајот е издвоен проектот „Скопје 2014“ како проект околу кој постоеше интензивна јавна дебата и проект со значителен удел во јавната потрошувачка. Содржински, истражувањето е конципирано во два генерални дела. Во првиот дел „Општи перцепции“ се испитува општиот впечаток за работата на Владата и министерствата. Дополнително се испитува и впечатокот за области за кои Владата посветува најмногу внимание, како и области во кои испитаниците би преферирале да се посветува најмногу внимание. Во вториот дел „Владини политики и проекти“ се испитува согласност со ставови поврзани со работата на владата на конкретни политики и проекти, а поврзани со стратешките цели или прашања за кои таа на некој начин била критикувана. Во извештајот се појаснуваат резултатите и изведуваат општи заклучоци за јавното мнение по овие теми.
|