Меѓурелигиска соработка во Македонија - извршно резиме - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Меѓурелигиска соработка во Македонија - извршно резиме PDF Print E-mail

Меѓурелигиска соработка во МакедонијаПрограмата Меѓурелигиска соработка во Македонија започна во 2003 година, како иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а во соработка со верските заедници во Македонија.

Целта на програмата е да се зголеми меѓусебното разбирање меѓу верските заедници и разбирањето за нив кај Македонската јавност воопшто.

Целна група е целокупната јавност во Македонија. Конкретна целна група се членовите и активисти на верските заедници во Македонија, со фокус на студентите (и професорите) на образовните институции (теолошки факултети и делумно средните училишта) на верските заедници.

Соработката, дијалогот и разбирањето помеѓу верските заедници се неопходни компоненти при градењето на едно здраво демократско општество. Членовите на верските заедници, свештениците можат да играат значајна улога во промоцијата на мирот и почитувањето на разликите, особено затоа што овие вредности треба да ги поседуваат и да ги пренесуваат на нивните верници.

Програмата е насочена најмногу кон студентите на Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, кои како идни свештеници би требало да ги осознаат и другите религии, да ги негуваат релациите со свештениците од другите религии и да ги претставуваат дијалогот и соживотот помеѓу граѓаните со различно етничко и верско потекло како единствениот начин за едно одржливо и конструктивно општество.

Со цел да се постигнат овие резултати беа креирани неколку проекти (размена на предавања, посети на теолошките факултети и верски објекти, обуки за основни вештини, меѓуверски летни кампови, посети на позитивни примери и техничка поддршка на теолошките факултети, локални средби и дебати, меѓуверски календар и фонд за иницијативи на верските заедници, билтен за меѓурелигиска соработка, инфо и дијалог центар, компаративни студии и адресар на верските заедници).

Преку проектите се настојува да се развие образовната, културната и информативната компонента кај целната група. Покрај студентите на двата теолошки факултети во активностите од програмата учествуваа и другите верски заедници кои немаат образовни институции во државата Католичката црква, Евангелско - методистичката црква и Еврејската заедница, а во дел од активностите беа вклучувани и помалите верски заедници.

Меѓурелигиска соработка во Македонија е уникатна програма која во своето петгодишно постоење успеа да изгради мостови на добра волја и соработка помеѓу православните, исламските, католичките, еврејските и протестантските свештеници, студенти и членови на верските заедници во Македонија.

Со поддршка на МЦМС програмата е планирана да се спроведува до октомври 2008 година, додека по овој период се очекува дека верските заедници самостојно да продолжат со соработката и реализацијата на дел од активностите.

Програмата е подржана од данската и норвешката влада, во соработка со Данската црковна помош (ДЦА) и Норвешката црковна помош (НЦА).

Мултимедијална презентација на програмата.

Завршен извештај од програмата.

Завршени проекти:

 
Се наоѓаш тука  : Home About Us Our History