Кампања за јакнење на јавната свест за водоснабдување - Qendra Maqedonase për Bashkëpunim Ndërkombëtar

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Кампања за јакнење на јавната свест за водоснабдување PDF Shtyp Shpërndaje me Postë Elektronike

Општина Јегуновце е рурална општина составена од 11 села со 10.790 жители. Дел од селата во општина Јегуновце имаат сопствени локални водоводни системи, кои заради неодржување на истите, лош квалитет на водата, како и заради проблеми со техничкото функционирање се соочуваат со проблеми во сопственото водоснабдување.

Општа цел на проектот беше да се обезбеди пристап до доволни количини на здрава вода за пиење во заедниците од општина Јегуновце. Цел на проектот беше да се  зголеми јавната свест за потребата од сопствена реализација на индивидуални приклучоци со водомери и плаќање на водата што се користи од новите водоводни системи.

Целна група на проектот беа жителите на 11 села од општина Јегуновце и село Озормиште од општина Желино. Директни корисници на проектот беа вкупно 8.446 жители во 1.962 семејства од 12 населени места. Покрај населението, директен корисник на програмата е и Општинското јавно претпријатие „Јегуновце“. Целното подрачје на проектот беше рурално, а тој се спроведе во сите 11 села од општина Јегуновце и во село Озормиште.

Со проектот се придонесе кон зајакнувањето на свеста на корисниците за користењето на водоводните системи и за плаќање за потрошената вода/добиената услуга, како и кон зајакнувањето на волјата на корисниците да постават индивидуални приклучоци со водомер. Овие резултати беа постигнати преку следните активности:

Подготовка на кампањата. Оваа активност опфати осмислување слоган и промотивен материјал, како и состаноци со управата на основните училишта, општината и локалните граѓански организации (ГО) заради подетално планирање на активностите. За оваа цел беа спроведени два ограничени повика за услуги за идејно решение, подготовка и печатење на промотивни материјали и слоган. На првиот повик, спроведен во 2008 г. понудените решенија не ги исполнија критериумите за квалитет, поради што повикот беше повторен во 2009 г. Слоганот на кампањата беше „Чиста сметка – здрава вода“.  Со логото и слоганот на кампањата на македонски и на албански јазик се отпечатија 2220 чаши, 2000 платнени торби, 2100 запалки, 4000 летоци/ постери и 4000 пенкала.

Чиста сметка здрава вода

Информирање на населението. Информирањето на населението се спроведе преку одржување на информативни средби и дистрибуција на информативен пакет.

Информативните средби се одржаа во ноември и декември 2009 г. во 12 села од целното подрачје, на кои учество земаа околу 650 жители. Претходно заради подобра подготовка на овие средби, како и обезбедување учество на жители се одржа состанок на градоначалникот на општина Јегуновце со претседателите на сите месни заедници. На информативните средби претставници на општина Јегуновце: градоначалникот, секретарот и одговорниот соработник на проектот ги информираа жителите за изградбата на водоводот и за условите за поставување индивидуални приклучоци. Средбите ги фасилитираа претставници на општината.

Информативните пакети се дистрибуираа до секое домаќинство од целното подрачје. За дистрибуцијата беа ангажирани жители на општината. Се дистрибуираа вкупно 1970 информативни пакети, кои содржеа торба, леток, чаша, запалка и пенкало, соодветно на македонски или албански јазик. Постерите беа залепени на огласните табли на општината во селата, како и на други јавни и деловни објекти.

Едукација на учениците. За учениците од основните училишта во општина Јегуновце беа организирани шест интерактивни едукативни часови и еден натпревар. За испорака на едукативните часови и осмислување на натпреварот беше ангажиран надворешен соработник, Руска Мицева.

Едукативните часови беа за учениците од 5-то до 8-мо одделение од 3-те училишта во селата Јегуновце, Шемшово и Жилче. На часовите беше презентирано значењето на чистата и слатката вода за пиење, изворите на нејзиното загадување и последиците од користењето на нечистата вода за пиење, начините на прочистување на водата, како и значењето на водата како природен ресурс. На учениците им беше прикажан и анимираниот филм „Нашата Земја“ од зелениот едукативен пакет. За учениците од Шемшово беше обезбеден превод на албански јазик. На часовите учество земаа 225 ученици.

На 12 декември 2009 г. во основното училиште во Јегуновце се одржа едукативен натпревар во пишување есеј на тема „Важна е секоја капка вода“, во цртање на тема „Мојата планета е жедна“ и квиз со различни содржини под заедничкото мото „Факти за водата“. Вкупно 36 ученици земаа учество во натпреварот, а присуствуваа и наставниците од училиштата, претставници на општината, МЦМС и на медиумите. Сите учесници беа наградени со подароци на тема „вода“, додека на основните училишта им беа доделени енциклопедии од областа на природните науки за библиотеките.

Проектот се спроведе во периодот 1 јули 2008 г. – 31 декември 2009 г.

За проектот се емитуваа информации на две локални телевизии, ТВ Кис и ТВ Менада. Претпоставката дека месните заедници, училиштата и воопшто жителите од целното подрачје ќе бидат мотивирани да учествуваат во активностите на проектот целосно се оствари.

Во активностите на проектот беше вклучена општината Јегуновце, како и месните заедници и училиштата. МЦМС имаше одговорност за спроведувањето на проектот и донесувањето одлуки. Одговорен соработник во МЦМС беше Даниела Стојанова, соработник на проекти во Одделението за граѓанско општество. Димче Митрески, раководител на Одделението за развој го набљудуваше спроведувањето на проектот и даваше насоки за негова реализација.

Ризиците за проектот кои се однесуваа на влошувањето на социоекономската состојба во целното подрачје и несоработката од локалното население, училиштата и месните заедници не се остварија. За да се намали можниот ризикот одговорниот соработник одржа неколку состаноци со општина Јегуновце, основните училишта и со локална граѓанска организација, а истите беа вклучени и во планирањето и спроведувањето на активностите.

Проектот е финансиран од Норвешката асоцијација на локални и регионални власти (КС), а буџетот на проектот изнесува 901.683 денари.

Извршно резиме од проектот.

 

Na ndiqni

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Fillimi Për punën tonë Ngritja e vetëdijes dhe fushatat