Доверба во граѓанското општество 2024 |
![]() |
![]() |
![]() |
Истражувања и публикации |
Автор: Фанија Ивановска
Довербата во граѓанските организации (38,4%) е особено изразена кај младите од 18 до 29 години (51,8%) и етничките Албанци (45,6%), додека најниска е кај лицата над 65 години (18,6%) и во Скопскиот регион (25,2%). Црквите и верските заедници уживаат највисоко ниво на доверба (70,8%), а довербата во другите чинители на граѓанското општество е значително пониска и варира– од 41,7% кај неформалните групи до 30,0% кај организациите на работодавачи. Секој четврти испитаник (25,1%) ги препознава граѓанските организации како чинители што работат за јавен и/или поширок интерес. Спротивниот став – дека организациите дејствуваат за остварување на лични интереси на поединци го имаат 60,4% од испитаниците, што е зголемување од 16,0 пп од 2021 година. Мнозинство од испитаниците (58,3%) сметаат дека граѓанските организации се организирани и финансирани од странски држави и нивни фондации со цел да им служат на странските интереси, што претставува зголемување од 14,0 пп во однос на 2021 година. Истовремено, 24,2% веруваат дека организациите се формирани од граѓаните за остварување на заедничко општо добро. Испитаниците имаат поделени ставови и во однос на улогата и придонесот на граѓанските организации во општеството, при што највисока поддршка е забележана за нивното влијание врз креирањето на јавните политики (45,1%) и општественото влијание воопшто (44,8%). Сепак, мнозинството граѓани не ја препознаваат активната улога на организациите во конкретни области – над половина не се согласуваат дека тие придонесуваат во информирање, едукација или обезбедување услуги, а најмалку препознавање постои за нивниот придонес во задоволување на итни општествени потреби. Перцепцијата на граѓаните за односот меѓу политичките партии и граѓанските организации е доминантно критичка – 49,5% од испитаниците сметаат дека партиите ги присвојуваат ставовите на организациите кога им одговараат на нивните интереси, 33,4% веруваат дека партиите основаат организации кои ги користат како свои гласноговорници, додека само 6,9% сметаат дека ги почитуваат и ги вклучуваат во процесите на одлучување. Довербата во граѓанските организации значително варира според тематските области на делување – највисока е кај организациите активни во областа на жените и родовата еднаквост (46,5%), социјалната грижа и хуманитарните активности (44,1%) и образованието и истражувањето (43,0%), додека најниска е кај организациите кои работат на демократија и владеење на правото (27,2%) и меѓуетнички односи (29,3%). Во споредба со податоците од 2021 година, довербата во граѓанските организации бележи опаѓање во сите тематски области. Најголем пад е забележан во областа на демократијата и владеењето на правото, каде што довербата се намалила од 48,1% на 27,2%, што е најниско ниво во изминатата деценија. Целосна или делумна доверба во граѓанските организации од македонската дијаспора изразиле само една четвртина од испитаниците (25,0%), 45,2% одговориле дека немаат доверба во вакви организации, а речиси една третина (29,8%) не знаат или одбиле да одговорат на прашањето. |